Само еден процент од испитаниците со просечна возраст од 19,5 години успеа точно да одговори на сите четири логички тестови, а два отсто на три од четирите, покажало истражувањето што е дел од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, финансиран од ЕУ

Младите во земјава имаат желба критички да размислуваат и сами се определуваат како индивидуи што сакаат критички да размислуваат, но способноста за критичко размислување не е толку голема колку што тие мислат. Тоа го покажале наодите од првиот циклус на истражувањето, спроведено од фондацијата за Интернет и општество „Метаморфозис“ и од центарот за европски стратегии „Евротинк“, преку проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, финансиран од Европската Унија.

Како што истакна Александар Стојановски, постар истражувач во „Евротинк“, во првата година од тригодишниот проект целна група им биле младите во Македонија, а теренското истражување било спроведено од декември 2018 година до февруари 2019 година, врз 301 испитаник од УКИМ, УКЛО и Универзитетот на ЈИЕ, од кои 49 отсто биле од машки, а 51 отсто од женски пол. Просечната возраст на испитаниците била 19,5 години.

– Во испитувањето се обидовме да ја утврдиме врската помеѓу способноста за критичко размислување и навиките за информирање, односно медиумската писменост кај младите. Утврдивме дека младите најмногу се информираат од Интернет и оти 38 проценти од информациите ги добиваат преку електронските верзии од медиумите, 32 проценти од социјалните медиуми, каде што предничат Инстаграм и фејсбук, осум отсто од телевизиите, а еден отсто од печатените медиуми – објасни Стојановски.
При испитувањето, за потврда на дадените одговори на испитаниците им биле дадени неколку логички тестови.

– Беше увидено дека само еден процент од испитаниците успеа точно да одговори на сите четири логички тестови, а два отсто на три од четирите. Тоа укажува дека желбата критички да размислуваат е голема, а способноста за критичко размислување не е баш толку голема колку што излегува од нивниот став. Од испитаните, 56 отсто не размислуваат најдобро кога се под притисок, а 74,4 отсто треба повеќе критички да размислуваат – рече Стојановски.

Тој посочи дека младите неделно просечно поминуваат 39 часа на Интернет, 13 часа на телевизија и четири часа слушајќи радио. Од испитаниците, 22 отсто ја користат телевизијата за да гледаат информативни содржини, 20 отсто за едукативни содржини, 56 отсто за забавни содржини, а само еден отсто следат контактни емисии на телевизија. Само домашна телевизија гледаат четири отсто од испитаниците, само странска 10 отсто, 20 отсто од испитаниците гледаат и домашна и странска телевизија, со доминантна застапеност на домашната, а кај 35 отсто што гледаат и домашна и странска доминантна е странската телевизија.

– Младите најчесто се сомневаат во вистинитоста на веста доколку е напишана со лош правопис кога станува збор за пишана вест, или од начинот на споделување доколку е видеовест. Потоа следуваат изворот на веста, авторитетот на авторот, степенот на субјективност кај медиумот – посочи Стојановски и додаде дека 58 отсто од испитаниците би го провериле изворот на веста доколку постои линк до веста што ја цитира медиумот.
П.Р.