Министерството за образование ќе му додели две парични награди на ученикот Дамјан Давков од Штип по основ на освоени високи места на меѓународни математички натпревари, односно за освоениот сребрен медал на Јуниорска балканска математичка олимпијада и за освоениот бронзен медал на Балканската математичка олимпијада.

Двата натпревара се одржани во 2020 година.

– На јавниот повик на МОН за доделување на парична награда за освоен златен, сребрен, односно бронзен медал на меѓународен натпревар од областа на математиката, на ученикот, на наставникот кој му го предава предметот, како и на менторот кој го подготвувал ученикот за натпреварот, пристигнаа две барања од страна на младиот талентиран математичар кој е актуелен со своите постигнувања на домашни и меѓународни натпревари по математика – се наведува во соопштението на ресорното министерство во кое се наведува оти Комисијата задолжена за разгледување на апликациите, оценила дека истите се во согласност со наведените критериуми и услови.

Од МОН упатуваат честитки до младиот Давков неговото семејство и до наставниците и менторите кои го подготвувале за натпреварите, за постигнатите високи резултати и во иднина му посакуваат уште повеќе и уште поголеми успеси.

– Младите како Дамјан Давков се најдобриот репрезент на државата на меѓународно ниво и потврда дека имаме висок човечки потенцијал кој ќе обезбеди подобра иднина за општеството – стои во соопштението.