Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција побара в понеделник да се распушти Собранието, информира МИА. Смета дека има доволно време да се организира фер изборен циклус согласно Законот во Република Македонија и заедно со претседателските избори да се одржат вонредни парламентарни избори.

– Денеска од засрамениот Зоран Заев слушнавме две тези. Првата теза е дека се крие позади одлуките на органите на партијата и втората е дека анкетите покажувале сигурно водство и оти на секој политичар ќе му бидат добредојдени нови четири години мандат. Но, вистината е следна, ако е навистина така, ајде веднаш во понеделник да го распуштиме Собранието и имаме доволно време да организираме фер изборен циклус, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.

Тој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ не се плаши од избори и има доволно време да се подготват изборите, да се формира техничка влада и заедно со претседателските да има вонредни парламентарни избори.

– И тогаш да видиме дали Зоран Заев и групата околу него ја ужива довербата како што денеска кажа на прес-конференција или онаа вистинската анкета ќе му ја испорачаат граѓаните на тие предвремени парламентарни избори. Не бараме избори затоа што сакаме безусловно ВМРО-ДПМНЕ да биде власт, туку бараме избори за Македонија да престане да губи и Зоран Заев и групата околу него конечно да ја напуштат политичката сцена во Република Македонија, додаде Мицкоски, одговарајќи на прашање дали се плаши од избори.