Кој ги уби таткото и синот близу кумановско Слупчане, откако во нив било пукано додека биле во возило „опел астра“, е мистерија што полицијата и Основното јавно обвинителство допрва ќе ја решаваат. Сега никој нема одговор како и зошто беа убиени 47-годишниот маж и осумгодишното дете. Не се знае дали првин било пукано во таткото пред очите на синот или првин било убиено детето. Убиените биле од кумановското село Опае. На местото на настанот Слупчански Бунар биле пронајдени и подигнати поголем број испукани чаури, преку чие вештачење се очекува да се утврдат битни факти.

– Убиениот е 47-годишниот Е.С. од селото Опае, а неговото возило има скопски регистарски ознаки. Во возилото убиените се пронајдени без знаци на живот, а во нив од огнено оружје пукал непознат сторител. По наредба на јавен обвинител, вчера телата на убиените беа предадени на обдукција – ни рекоа од МВР.

Од Основното јавно обвинителство велат ќе биде извршено вештачење и на возилото, на кое се видливи повеќе траги од напад со огнено оружје. Истакнаа дека Основното јавно обвинителство – Куманово во континуитет презема дејства за целосно да се расчисти настанот.

– Се врши увид на местото, се прави обдукција на телата и до овој момент нема осомничени – ни рече вчера Елизабета Недановска, портпаролка во Основното јавно обвинителство.

Оттаму соопштија дека вчера бил извршен увид во близината на селото Слупчане, каде што вечерта во неделата било пронајдено возило кон кое биле истрелани повеќе куршуми.

– На увидот беше констатирано дека од близина е пукано во патничкото моторно возило во кое се наоѓале две лица, возачот и неговото осумгодишно дете. Двете лица биле смртно повредени и починале на самото место. По насока на надлежен јавен обвинител, увидната екипа на Министерството за внатрешни работи ги обезбеди и подигна трагите од самото место и тие ќе бидат предмет на натамошно вештачење – соопштуваат од ОЈО.