Самуел Жбогар/Фото: Дарко Андоновски

Секогаш е задоволство кога разговарам со студенти, а тоа го правам често изминатиов период бидејќи патувам низ државата во која ги слушам нивните размислувања и ставови, по кои дискутираме на теми поврзани со Европската Унија и за придобивките од неа, за земјата и за нашата заедничка иднина. Со овие зборови шефот на Делегацијата на Европската Унија во државата, Самуел Жбогар, денеска за новинарите го најави неговото предавање на Факултетот за безбедност-Скопје, во рамки на Дипломатскиот форум на факултетот.

– Особено сум среќен дека присуствувам на Факултетот за безбедност-Скопје, во рамки на Дипломатскиот форум на факултетот. Во контекст на темите поврзани со безбедноста и мирот, мораме да разбереме дека тие се едни од главните вредности и приоритети за Европската Унија, која се обидува овие работи да ги осигура на своите граѓани. Мирот е токму причината поради која ЕУ беше составена и оформена пред повеќе од 60 години. Овој состанок со студентите е почетокот од прославите поврзани со ЕУ кои ќе кулминираат на 9-ти мај, бидејќи сум тука оваа дебата да ја спроведам со студентите – рече Жбогар.

На предавањето пред студентите на Факултетот за безбедност, Жбогар се осврна на историјатот на ЕУ, во кој Унијата започна како мировен проект по разорнувачките конфликти, со цел да ги зближи народите и земјите да не војуваат повторно меѓусебе.
За Жбогар најголем предизвик со кој ЕУ сега се соочува е појавата на национализмот и анти-ЕУ движењата.

– Најголем предизвик е граѓаните да се уверат дека интегрираната Европа не е закана за националниот суверенитет. Тоа особено дојде до израз по имиграциската криза. Со овој предизвик сфаќаме дека Европската Унија не може да се земе здраво за готово – истакна Жбогар, додавајќи дека оттука е големо значењето на претстојните избори за Европскиот Парламент.

Во меѓувреме, според организаторите, целта на предавањето е преку дискусија на актуелни теми кои се важни за европските интеграции да се нагласи значаењето на периодот на целосна стабилизација на безбедноста на земјава, нејзиниот развој и соработка, очекувањето земјата да ги започне преговорите со ЕУ, како и за предизвиците во регионот.


Членството во НАТО и безбедноста на регионот

Македонското членство во НАТО, денеска беше доста коментирана тема во земјава и надвор од неа.

Така, рускиот амбасадор во ЕУ Владимир Чижов за медиумите изјави дека проширувањето на НАТО со Македонија ќе го дестабилизира Балканот и ќе значи ризик за безбедноста за Европа. На оваа констатација возврати деканот на Факултетот за безбедност Никола Дујовски, кој рече дека проширувањето на НАТО со Македонија воопшто не значи ризик за безбедноста.

– Напротив, ќе значи дополнителна стабилност за целиот регион и за нашата држава и за сите други држави во регионот, затоа што со нашето членство во НАТО ќе се заокружи еден долготраен процес што ќе им овозможи и на земјите-членки на НАТО и на сите во регионот да се посветат на други прашања – оцени Дујовски. А.С.