Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во текот на минатата година, обидувајќи се да обезбедиме двотретинско мнозинство, испративме три предлози на Закон за Јавно обвинителство. Последната верзија беше пуштена во декември минатата година и таа верзија ќе биде тема на разговор со опозицијата од која очекуваме да ги земе предвид интересите на граѓаните, а не нечии лични интереси – велат од Министерството за правда.

Од таму велат дека суштината на сите три предлози била имплементација на меѓународни стандарди за ефикасна борба против криминал и корупција и создавање правни основи за продолжување на сите започнати постапки пред Јавното обвинителство, вклучувајќи ги и постапките пред СЈО.

– Последната, трета верзија беше пуштена во декември минатата година и таа верзија ќе биде тема на разговор со опозицијата. Во собраниска процедура се уште е втората верзија на законот на која опозицијата поднесе амандмани и таа ќе биде повлечена кога ќе бидат обезбедени осумдесет гласови за усвојување на нов текст на Закон за Јавното обвинителство. Во третата верзија е акцептирана новонастанатата ситуација со трансферот на предметите на СЈО и се обезбедува континуитет на обвинителите и сите започнати постапки – велат од Минстерството.

Според предлогот, Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе ги преземе надлежностите на СЈО, а обвинителите на СЈО коишто ги застапувале предметите ќе продолжат да ги водат.

Во рок од 30 дена од гласањето на законот, ќе се прошири бројот на обвинители во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и ќе биде распишан оглас на кој ќе може да конкурираат сите обвинители кои ги исполнуваат условите.

Материјалите од незаконското прислушување кои не се предадени како докази во судовите, ќе се чуваат во Јавното обвинителство на Република Македонија. По истекот на три години од правосилното завршување на постапките, материјалите ќе бидат уништени во согласност со закон.