Фото: Илустрација / Архива

Министерството за образование и наука (МОН) известува дека е прифатливо компромисното решение за начинот на полагање на државната матура коешто го прифати и Сојузот на средношколци.

Од МОН велат дека предложениот модел е во интерес на сите матуранти, а Македонија го задржува стандардот од четири испити (два екстерни и два интерни) и ниту еден матурант нема да биде оштетен.

– Уште утре Матурскиот одбор ќе ги разгледа сите прашања кои произлегуваат од предложените услови, по што ќе се воспостави методологијата за полагање на државната матура. Министерството за образование и наука во соработка со Матурскиот одбор навремено ќе ги информира матурантите за направените промени со цел успешно да се подготват за престојното полагање на испитите – велат од МОН.

Исто така, додаваат од таму, напоменуваме дека овој модел на полагање на државна матура бил веќе применуван во нашата држава од учебната 2007/2008 до учебната 2012/2013 година.

– Во извештаите на ОЕЦД државната матура како дел од образовниот систем е позитивно оценета и планираме и понатаму да ја подобруваме и унапредуваме. Министерството за образование и наука продолжува посветено да работи на создавање на квалитетно образование коешто е во интерес на учениците – се наведува во соопштението.