Министерството за здравство ќе поднесе жалби против медиумите кои во изминатиот период објавиле непотврдени информации во врска со тендерските јавни набавки. Од министерството сметаат дека таквите објави нанеле штета на целиот процес на тендерските набавки, а штетата е нанесена и на Министерството за здравство.

-Со цел спречување натамошни шпекулативни медиумски објави, Министерството за здравство ќе реагира преку соодветните медиумски и новинарски инстанции, Советот за етика и Советот на честа, односно со испраќање претставки до овие тела. Оваа одлука е во насока на правилно и точно информирање на јавноста и со цел да не се изнесуваат неточни, произволни информации и заклучоци во врска со работата на министерството- велат од Министерството за здравство.

Од таму нагласуваат дека Министерството за здравство спроведува јавна и одговорна политика во врска со јавните набавки, а транспарентен однос развива кон медиумите и нивната улога во информирање на јавноста. Во таа насока велат дека се отворени за сите прашања и потребни информации за медиумите.

-Работата на Министерството за здравство се одвива според правната и законска регулатива на Република Северна Македонија и истото е потврдено и од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, преку јавно објавената одлука во која се кажува: По сеопфатно проучување на прибраниот доказен материјал во врска со наводните неправилности при тендери на Министерството за здравство, обвинител од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција донесе одлука со која укажува дека нема сомнение за кривично дело, што значи дека запира предистрагата- велат до Министерството за здравство.