Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денеска го посети ОВР Кавадарци и Регоналниот центар за гранични работи Југ, кој се наоѓа во Кавадарци.

На состанокот со старешинскиот кадар на ОВР Кавадарци и началникот на СВР Велес беше разговарано за безбедносната состојба на станичното подрачје како и вообичаените тековни активности. Од страна на министерот Чулев беше потенцирано да се зголеми ефикасноста и превенирањето на кривичните дела поврзани со личната сигурност на граѓаните и нивните имоти.

Исто така, беше дадена насока за навремено подготвување за изборниот процес и собирање информации за намери на нарушување на изборите. За време на посетата на РЦ Југ министерот беше брифиран за моменталната состојба на границата со Грција долга 256 километри во однос на илегалната миграција и шверцот на добра, како и соработката со полициските службеници од пријателските земји кои и помагаат на нашата полиција за обезбедувањето на јужната граница.

Mинистерот Чулев потенцира за значењето на работата на овој регионален центар во спречување нови бранови на илегални мигранти, земајќи ја в предвид состојбата во земјите на потекло на лицата кои вообичаено ја користат македонската територија за транзит.