Министерот за надворешни работи Никола Димитров го посети Летниот камп по македонски јазик и култура „Ја сакам Македонија”, што во организација на Министерството за надворешни работи се одржува во Охрид, а на кој учествуваат деца со македонско потекло од десет држави од регионот и пошироко. 

Димитров изразил благодарност за интересот да се посетува наставата по македонски јазик и потенцирал дека бројното присуство е уште еден доказ за љубовта кон Република Македонија како нивна втора татковина, соопшти денеска Министерството за надворешни работи. 

Министерот укажал на потребата, сите и особено најмладата генерација да го чуваме и афирмираме македонскиот јазик  како наше најголемо духовно и културно наследство.

– Овие манифестации се од огромна важност за нас како Македонци и нужно е да продолжат да се негуваат и да стануваат помасовни, пред се’ заради нашите идни генерации – истакна тој.

Оваа манифестација се одржува од 2012 година.