Во Венеција, денеска и утре се одржува 116. Пленарна сесија на Европската комисија за демократија преку правото (Венецијанска комисија), на која учествува и министерка за правда проф. д-р Рената Дескоска.

Дескоска ќе има повеќе состаноци со членовите на Венецијанската комисија и ќе се обрати на Пленарната сесија на која ќе биде разгледано и усвоено Нацрт-мислењето на Венецијанската комисија за Законот за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет и Законот за судовите, соопшти Министерството за правда.

Според Нацрт-мислењето на Венецијанската комисија кое неодамна е доставено до Министерството за правда, последните измени и дополнувања на Законот за Судски совет и Законот за судови ќе бидат оценети позитивно.

Во ова мислење е наведено дека новите институционални аранжмани и процедурални правила на подобар начин ја заштитуваат судската независност и поставуваат цврсти темели за добро функционирање на судскиот систем.

Во мислењето кое се очекува да биде усвоено денес, ќе бидат дадени и насоки за понатамошно подобрување на текстот на законите.