Фото: Дарко Андоновски

Според некои истражувања на фармацевтите, 10 отсто од родителите им давале антибиотици на децата без да се пропишани од лекар, а кога се однесува на нив самите, тој процент изнесува 20 отсто. Овде се мисли на купување антибиотик во аптека без соодветен рецепт или користење резерви од дома, вели проф. д-р Никола Пановски

Антибиотиците се чудо на 20 век. За жал, бактериите многу брзо стекнуваат отпорност на нив, а резистенцијата е правопропорционална со нивната потрошувачка. Колку повеќе ги употребуваме антибиотиците, толку побргу ги губиме, вели проф. д-р Никола Пановски, редовен професор на Медицинскиот факултет во Скопје и претседател на мултисекторската комисија за контрола на антимикробната резистенција при Министерството за здравство.
Во време кога се случува преод кон зима и кога бактериските инфекции се во пораст, поразговаравме со микробиолози за правилната употреба на антибиотиците, но и на што треба да внимаваат пациентите при нивната употреба.

– Деведесет отсто од инфекциите на горните дишни патишта се вирусни. Антибиотиците воопшто не дејствуваат на вируси. При настинка и грип, антибиотиците немаат никаков ефект. Неразумна употреба на овие лекови го загрозува јавното здравје на глобално ниво, а не само на поединецот, бидејќи отпорните бактерии се пренесуваат помеѓу луѓето, помеѓу животните, од животните на луѓето – вели проф. Пановски.
На прашањето дали и колку е честа практиката пациентите на своја рака и неправилно да ги користат, без претходно да се консултираат со лекар, тој истакна дека според некои истражувања што биле објавени од фармацевтите за време на активностите и семинарите во рамките на годинашнава светска недела за рационална употреба на антибиотици (која сѐ уште трае) покажале дека родителите во 10 отсто им давале антибиотици на децата без да се пропишани од лекар.

– Кога се однесува за нив самите, тој процент изнесува 20 отсто (се мисли на купување антибиотик во аптека без соодветен рецепт или користење резерви од дома). Во друга помала студија, кога се анкетирани само возрасни, без разлика дали се родители или не, овие проценти се движат од 25 до 30 отсто. Мое мислење е дека овој процент е и повисок, ако ја следиме потрошувачката на антибиотици што не се подигнати со рецепт од ФЗОМ, таа е најмалку 50 отсто од лековите пропишани со рецепт од Фондот за здравство – појаснува Пановски.
За да се спречи злоупотреба на антибиотиците, проф. Пановски вели дека треба да се пропишуваат само за бактериски инфекции.

– Лабораториските тестови се лесно достапни кај нас, биохемиски и микробиолошки, и тие заедно со клиничката слика и историјата на болеста му помагаат на лекарот да донесе правилна одлука. Треба да се внимава на хигиената на рацете и контролата на инфекциите. Важни се и редовна вакцинација и голем опфат, со што се зголемува колективниот имунитет и се намалуваат инфекциите и нивните компликации. Антибиотици да се даваат само на болни животни, а не на сите животни во фармите како профилакса. Сето ова ќе ја намали непотребната употреба на антибиотици, а со тоа ќе го забави ширењето на резистенцијата на бактериите, до оној момент кога ќе се најдат нови антибиотици и други лекови што ќе нѐ спасат од враќањето во црниот период без антибиотици, а тој период траел од појава на човекот до 1945 година – додава професорот.

Неговата колешка д-р Голубинка Бошевска од Институтот за јавно здравје вели дека примената на антибиотик спасува животи.
– Антибиотиците се прекрасни и многу потребни лекови, без кои современата медицина (лекување пациeнти на интензивна нега, трансплантација на органи, нега на пациенти на хемотерапија или некои медицински процедури) не може да се замисли. Нивната примена спасува животи. Но долготрајната несоодветна употреба на антибиотиците може да доведе до тоа да се развие отпорност на бактериите. Овде мислам на употребата на антибиотици кога нема потреба да се даваат, бидејќи немаат ефект, како на пример при вирусни инфекции како грипот и настинката, или кога се даваат при бактериски инфекции со кои нашиот организам сам може да се избори, или, пак, кога се даваат при бактериски инфекции но во несоодветна доза, интервал и времетраење – предупредува докторката.

Фото: Дарко Андоновски

Kако што информира Бошевска, според податоците на Европскиот центар за контрола на болести и Светската здравствена организација (СЗО), околу 700.000 лица во светот и 33.000 лица во Европа го изгубиле животот од инфекции предизвикани од бактерии отпорни кон многу антибиотици.
– Ова е споредливо со вкупниот број патници на повеќе од 100 авиони со средна големина. Загрижувачки е што 39 отсто од инфекциите се предизвикани со бактерии отпорни на антибиотици од последната линија, како што се „карбапенеми“ и „колистин“. Овие антибиотици се последната достапна опција за третман при тешки инфекции. Кога тие не се ефикасни, крајно е тешко или, во многу случаи, невозможно да се третираат овие инфекции. Лекувањето вакви инфекции поради отпорни бактерии е предизвик од повеќе аспекти: антибиотиците што најчесто се користат повеќе не се ефикасни и лекарите треба да изберат други антибиотици. Ова може да го одложи правилното лекување на пациентите и може да резултира во компликации, вклучувајќи и смрт. Исто така, на пациентот може да му треба поголема грижа, како и алтернативни и поскапи антибиотици, кои може да имаат потешки несакани ефекти. И во Македонија се пријавени бактерии што се отпорни на повеќе антибиотици, вклучувајќи и на „карбапенеми“ – појаснува докторката.

Микробиолозите се согласни – најважно е да се превенираат инфекциите, а тоа се прави со правилна хигиена на рацете, хигиенско приготвување на храната, избегнување (ограничување) контакти со лица што се болни од некое заразно заболување, практикување безбедни сексуални односи, употреба на вакцини за вакцино-превентабилните заболувања во согласност со календарот за вакцинација, обезбедување безбедна вода и санитарни јазли, обезбедување чиста надворешна средина – вода, воздух, почва. Исто така, неопходно е да се одржуваат добри хигиенски услови кога се чуваат домашни миленичиња, како и да се вакцинираат животните од вакцино-превентабилните болести.

– Ако се појави инфекција, треба да се консултираме со доктор и да го почитуваме неговото мислење. Ако докторот смета дека треба да ни даде антибиотик и ни издаде рецепт, да го користиме антибиотикот во согласност со препораките за дозата, интервалот и времетраењето. Да се консултираме со фармацевтите во однос на примената на препарати за олеснување на симптомите, интервалот и дозите на лековите што ги примаме (некои лекови може да имаат интеракција и не може да се примаат во исто време) и начинот на диспозиција на преостанатите лекови – истакна д-р Бошевска.