Министерката за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи, ја посети Јавната установа Специјален завод – Демир Капија. Таа кажа дека условите во установата се нехумани и нечовечни.

– За хуманоста во условите во коишто престојуваат овие корисници не можам да зборувам. Овие услови се нехумани, нечовечни. Ова е чисто ужасие. Од најавените поправки на Специјалниот завод можеме да најдеме искречени ѕидови, додека инсталацијата водоводна, електрична е сѐ уште онаа од 56-та односно 58-ма година. Условите за хигиена се никакви, луѓето се препуштени сами на себе. Од помпезните најави можам да го кажам следново: на почетокот на владеењето на Социјалдемократскиот сојуз оваа установа имала 227 корисници со 41 неговател. Тоа значи еден неговател секој ден се грижел за шест корисници. Мисијата е невозможна. На еден корисник треба да има еден негувател – изјави Мизрахи.

Таа рече дека ќе се заложи оваа состојба да се промени, а штитениците да ја добијат потребната грижа, нега и пред сѐ човечни услови за живот бидејќи секој заслужува да има пристоен живот.