Министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи, на прес-конфренција изјави дека нападите врз неа само ќе ја охрабрат и порача дека нема да дозволи нејзиниот народ да биде обележан како антисемитски народ.

– Јас сум родена и израсната во Република Македонија. Во одреден момент ја напуштив државата и го продолжив образованието надовор. Во државата се вратив во 2014-2015 година. Јас сум од оние кои се вратив дома. Ова е моја држава и се вратив назад. Нема да дозволам никој да го обележи мојот народ како антисемитски народ. Јас сум растена во средина, во соживот со Македонци, Албанци, Турци, Срби, Бошњаци, луѓе од различни верски и етнички припадности. Тоа никогаш не било прашање. Никогаш не ми се поставило прашањето за моето име. Конечно, на ниеден од јавните личности од политиката, не се постави прашањето од која национална, етничка или верска припадност се тие – изјави Мизрахи.

Таа праша дали ќе беше спорно доколку била Србинка, Влаинка, Турчинка? Нагласи дека антисемитизмот во оваа држава не постоел, ниту ќе постои.

– Во текот на Втората светска војна од моето семејство од Македонија се однесени 83 членови. Додека вие имате широки семејства, јас тоа го немам. Сите се убиени во Треблинка, во концетрационен камп. Го носам името на една од моите тетки. Срамно е во политичка битка да се користат вакви алатки – додаде таа.