Министерството за здравство соопшти дека подготвени се измени на Законот за здравствена заштита за преземање во јавното здравство на медицински сестри кои претходно работеле во приватни здравствени установи основани под закуп во здравствените домови, а по различни основи во меѓувреме останале без работа.

За таа цел, како што се наведува, во измените на Законот внесена е одредба согласно која медицинските сестри кои ќе останат без работа да бидат преземани во јавни здравствени установи.

Овие законски измени ќе влезат во процедура во текот на следната недела. Во моментов се извршуваат пошироки консултации со сите релевантни чинители кои се засегнати од законските одредби. Исто така, со измените ќе биде опфатена и можноста за преземање доктори на медицина, стоматолози и фармацевти од приватно во јавно здравство, посочуваат од Министерството за здравство.