Пациентот кој го прими срцето од починат донор во втората трансплатанција на срце во државава е на возраст од 22 години и има сериозно заболување кое го оштетува срцето.

Од Министерството за здравство официјално информираа дека вчера доцна во вечерните часови успешно се спроведе и втората трансплантација на срце од починат донор во нашата држава.

Два бубрега од оваа пациентка денес ќе бидат трансплантирани кај пациенти кои со години се на дијализа. Во понеделник наутро коската со метастази на пациент кој се лекува на Клиниката за ортопедија ќе биде заменета со здрава коска од починатата девојка. Уште десетина пациенти кои боледуваат од карцином кој им ги оштетил коските и пациенти со тешки фрактури кај кои нема можност да се стават протези ќе добијат заменски коски од починатиот донор. Ова е прва ваква експлантација направена во земјава.

– Голема благодарност до семејството на починатата пациентка кое се согласи да ги донира органите на својата ќерка. Огромна е жалоста за загубата на младата пациентка, но голема е утехата дека нејзиниот живот ќе продолжи преку неколку други – велат од МЗ.

Во процесот на трансплантација учествуваа доктори од клиниките за КАРИЛ, Урологија, Кардиохирургија, Ортопедија, Нефрологија, Радиологија, Кардиологија, Рентген институот, Клиниката „Жан Митрев“ и „Аџибадем Систина“.

– Благодарни сме на сите лекари кои учествуваат во постапката на утврдување на мозочна смрт, во експлантација и во трансплантацијата на органи, како и на сите оние кои логистички ја поддржаа постапката – велат од МЗ.