Министерството за здравство информира дека утрово на клиниките за Кардиохиругија и Урологија започна трансплантација на срце и бубрези од починат донор.

– По интензивни подготовки во текот на ноќта, рано утрово беше завршена експлантацијата на срце и бубрези на 42-годишна пациентка која ја загуби битката со животот, а нејзина последна желба беше да ги донира своите органи. Трансплантацијата на срце се врши кај пациент кој подолго време е на листата за трансплантација, а бубрезите ќе бидат трансплантирани кај двајца пациенти на 40-тина години кои се на дијализа – соопшти Министерството.

Почнувајќи од мај минатата година, досега се извршени експлантации од седум починати донори, а трансплантирани се пет срца, 12 бубрега и едно коскено ткиво.