Викендов на 22-23 октомври во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, по четврти пат во земјава се одржува меѓународен семинар за хирурзи-трауматолози и ортопеди според програмата за едукација на меѓународната АО фондација.

Курсот се одржува под наслов АО Траума – “Поврeди на скочниот зглоб и стапалото”, а претседавач на курсот е професор д-р Игор Кафтанџиев од Клиниката за трауматологија при Медицинскиот факултет во Скопје.

На курсот ќе се одржат предавања од страна на реномирани хирурзи и предавачи од Австрија, Хрватска, Словенија, Грција и Северна Македонија. Учесници на курсот ќе бидат триесетина млади хирурзи, трауматолози и ортопеди и специјализанти од истите области од земјата кои со предавачите ќе имаат можност да водат дискусии за предавањата, но и за медицинските случаи кои ќе бидат презентирани во тек на семинарот. АО Траума семинарот како што е вообичаено ќе биде следен и од делегација на АО Фондацијата.

АО Фондацијата е непрофитна организација предводена од интернационална група на хирурзи специјалисти од областа на траума и ортопедија. AO фондацијата е формирана 1958 година со седиште во Давос, Швајцарија, а во тек на последните децении ги дефинира стандардите во лекувањето на повредените. Во неа членуваат над 16.000 хирурзи и научници од повеќе од 100 земји во светот. Фондацијата е посветена на едукација, истражувања и развој од областа на трауматологија и ортопедија, но и практичната примена на сите тие искуства, оперативни техники и импланти, сè со цел да се постигне најдобра здравствена грижа за пациентите. Одржувањето на различни курсеви и семинари на кои хирурзите ги учат најсовремените принципи во лекувањето на повредите на мускуло-скелетниот систем е една од основните активности на фондацијата. Особено е важно да се истакне дека системот на едукација е идентичен на ниво на целата АО фондација, што значи насекаде во светот се применуваа ист систем на учење и практична едукација.

Сите досега одржани настани, како настанот кој претстои се подржани од локалниот дистрибутер на светската компанија „Де Пју Синтес“, која е официјален индустриски партнер на АО фондацијата. Со тоа практично се продолжува практиката за постојано вложување во едукацијата на трауматолозите и ортопедите.

Одржувањето на овие меѓународни настани во Северна Македонија е резултат на повеќегодишна и богата соработка на македонските трауматолози со АО фондацијата, преку нивно учество на различни АО курсеви во странство, но и активноста на претседавачот на курсот, Проф. Др. Игор Кафтанџиев како предавач на многубројни вакви курсеви во странство, како и ентузијазмот и посветеноста на Ас. Д-р Марко Спасов во организацијата на овие настани во нашата држава.

Одржувањето едукативни настани според програмата на АО фондацијата во нашата држава веќе станува традиција. Имено, во 2017 година беше одржан првиот ваков семинар и истиот беше посветен на повредите на горниот екстремитет. Истовремено со одржувањето на првиот семинар, беше формиран и македонскиот огранок на АО фондацијата, а за претседател беше избран професор д-р Игор Кафтанџиев. Со формирањето на овој огранок, нашата држава стана дел оваа светска организација, единствена од ваков вид. На овој начин, се отвориа бројни можности за едукација на младите хирурзи од нашата држава и во странство, со учество на семинари и курсеви, како и стипендии за посета на реномирани болници во други држави. На формирањето на огранокот му претходеше повеќегодишна соработка со странски колеги кои се дел од фондацијата и учество на едукативни настани во странски држави.

Во 2018 година следеше семинар посветен на повредите на долниот екстремитет, а во 2019 година за прв пат во нашата држава беше одржан тридневен курс на тема „Основни принципи на оперативното лекување на скршениците“, според чија програма, покрај предавањата и дискусиите на случаи, беа одржани и повеќе сесии на кои учесниците имаа можност на пластични модели на коски, со употреба на вистински инструменти и импланти (сретства за фиксација, остеосинтеза на скршениците) практично да ги применат принципите на остеосинтеза. На овие настани, посетеноста на учесници и предавачи од странство беше на завидно ниво. Во 2017 година учествуваа предавачи од 6 држави, а учесници од 3 држави; во 2018 година имаше предавачи од 3 држави и 46 учесници од 5 држави; во 2019 година предавачите беа од 3 странски држави и имаше 45 учесници од дури 13 различни држави, со што може да се каже дека овие едукативни настани што се одржуваат во нашата земја стануваат препознатливи во Европа.

Во 2020 година беше планирано да се одржи курс за напреднатите принципи на оперативното лекување на скршениците, но поради КОВИД -19 пандемијата истиот не можеше да се одржи.

Оваа година, сепак беше одлучено да се направи напор и да се одржи предвидениот едукативен настан, но бројот на учесници и предавачи мораше да се ограничи во согласност со препораките за спречување на пандемијата со КОВИД-19 и важечките протоколи. Според плановите, во 2022 година треба да се одржи курсот за напредните принципи на оперативно лекување на скршениците, а во 2023 година во нашата држава треба да се одржи мастер семинар и собрание на претставници на АО траума од МИД регионот ( 23 земји од средна Европа, членки на АО Траума Европа).