Добар дел од својот живот Партениј ги споделувал своите учебници во Македонија и во еден дел од Србија, но бугарската критика остро се нафрлувала врз неговата јазична концепција. Со своите дела, Партениј укажал на некои основни карактеристики на својот говор, кои ја претставуваат суштинската разлика меѓу македонскиот и бугарскиот јазик. Иако не ги формулирал сосема тие особености на македонскиот јазик, сепак сметал на неговата посебност

Архитект Косто Граоркоски

Ова сеќавање е само скромно одбележување од 200-годишнината од раѓањето на Партениј Зографски, стожерниот меѓник на македонската преродба, по што го распознаваме и нашето духовно битие, нашиот самосвоен македонски духовен и творечки идентитет. Целиот живот тој го посвети на будењето и на афирмацијата на националната свест, на посебноста на македонскиот народ и црква, во едно бурно и клучно време од историското опстојување.
Низ историјата тој претставува извор и на религиозната вдахновеност, сведок на македонското православие. Тука, во македонското светилиште Галичник се родија многу наши чеда-македонски умови, создавачи, пишувачи на преродбата и на македонската бурна историја. Во Галичник е роден првиот македонски владика и учебникар и еден од најучените луѓе на Балканот во 19 век – Партениј Зографски.

Богата и бурна биографија

Партениј е роден во Галичник, во 1818 година, од татко Василко Тризлоски и мајка Доста. Татко му Василко е родоначалник на познатото семејство Ажиевци. Тој е прв големец што бил на божјиот гроб и станал аџија, кога, всушност, го сменил презимето од Тризлоски во Ажиевски, а и денес целото семејство го носи тоа презиме.
Своето почетно образование Партениј (родено име Павле) го оформил во културниот и духовен центар, манастирот „Св. Јован Бигорски“. Натамошната судбина и животна определба на Партениј ја определила случајната средба со македонскиот културен и духовен водач, ар­хи­мандритот Анатолиј Зографски, родум од с. Могорче. Кога забележал тој како пее 14-годишното момче Павле, го посоветувал пријателот хаџи Василко да го испрати синот во Солун или во Цариград за да го продолжи образованието.

Откако се стекнал со основно образование во манастирот „Св. Јован Бигорски“, во 1835 година, Партениј го продолжил школувањето во Охрид и станал ученик на Димитрија Миладинов, негов натамошен голем пријател и соработник на просветен план. По едногодишен престој во Охрид, бил на шестмесечно школување во Призрен. Во 1837/1838 година Павле станал ученик на класичното училиште во Солун, а следната година преминал во грчкото училиште во Цариград.

Цариград, Париз, Петроград

По покана на менторот, архимандритот Анатолиј Зографски, во 1839 година заминал за Атина и во духовната семинарија продолжил да се школува. Завршувајќи го средношколското образование во 1842/1843 година, Партениј заминал во Зографскиот манастир на Атос, каде што се закалуѓерил. По препорака на Анатолиј Зографски до Константин Николаевиќ, Партениј станал духовник во рускиот царски двор и го продолжил своето црковно духовно образование во Киев, кое го завршил во 1848 година. Наредната учебна година, тој станал редовен студент на Московската духовна академија и успешно ја завршил во 1850 година. По завршувањето на академијата го добил чинот архимандрит од страна на Цариградската патријаршија.

Бил назначен од царскиот двор и поставен за духовен воспитувач и учител на царските деца. Еден краток период, сакајќи да го научи и да го усоврши францускиот јазик, престојувал во Париз. Така, тој станал голем полиглот, кој ги говорел и ги совладал следниве странски јазици: руски, грчки, латински, еврејски, старохелдејски и француски.
Од Париз, Партениј заминал за Петроград, но од здравствени причини набргу се вратил во својот роден Галичник, за да закрепне. Откако закрепнал, Партениј од Галичник заминал во Цариград, каде што од руската влада бил назначен за духовен претставник на руското претставништво. По формирањето на богословското училиште во 1851 година во Зографскиот манастир, Партениј бесплатно им предавал на десет сиромашни ученици. Покрај црковните предмети, тој предавал граматика и тука е неговиот зародок за учебникарската и граматичката ангажираност. Кон крајот на 1853 година, од страна на Ца­риградската патријаршија, Партениј бил назначен за професор по црковнословенски јазик во богословското училиште на островот Халки кај Цариград, а по две години предавање тој во јавноста излегол со своите први статии од областа на јазикот и со свои учебници на македонски јазик.

По завршувањето на Кримската војна, тој повторно се вратил во матичниот манастир „Зограф“ на Света Гора, каде што многу пишувал. Во периодот од 1857 до 1859 година во Цариград напишал многу значајни трудови и учебници на македонски јазик, меѓу кои најзначајни се: „Кратка световна историја“, „Началное учение за децата“ и „Прва част на граматика за членовите“. Истовремено, на својот мајчин јазик (мијачки говор) го превел „Пространото Климентово житие“, кое, всушност, претставува прв превод кај Јужните Словени, и тоа на македонски јазик. За обележување е и „Втора кратка словенска граматика“. Овие учебници и неговите собрани македонски народни песни претставуваат едни од најскапоцените просветни извори кај Македонците.

Борба против Грци и Бугари

Најавената граматика на македонски јазик, поради големите притисоци и интриги од Бугарите, не виде бел ден и виделина, па не излезе од печат. Високошколуван и надарен како духовник, дејноста на Партениј добива нови димензии. Набргу тој бил ракоположен за кукушки епископ, 1859-1862 година, развивајќи голема дејност во борбата за извојување слободна и независна словенска црква. Вршејќи широка културно-просветна и духовна дејност тој многу придонел за ширењето на преродбенското дело. Неговата видна дејност била пречка за Цариградската патријаршија и во 1861 година во Солун бил изведен пред Синодскиот суд. Тој бил обвинет и дека „насилно го вовел црковнословенскиот јазик во богослужбата, а наедно забранил да се употребува грчкиот јазик; го вовел мајчиниот јазик во училиштата наместо грчкиот јазик, а дури и ги истерал од работа оние учители што не го употребувале македонскиот јазик, не дозволувал во неговата епархија да се чита патријаршиското писмо; наредил да се избрише грчкото писмо од Кукушката црква и да се замени со македонски јазик и друго…“ Тој одговарал и поради неспоменувањето на грчката црква во богослужбите и поради тенденцијата за отцепување од Цариградската патријаршија.

Иако бил прогласен за невин, Светиот синод на Цариградската патријаршија му го понудил митрополитско место во Нишавската епархија. Му била одземена владичката катедра и бил испратен на принуден престој во Галичник. По извесно време бил преместен во Ниш и станал нишавски митрополит, со седиште во Пирот. Во 1868 година Партениј станал дел од бугарскиот црковен клир што бил отцепен од патријаршијата. Во 1870 година, кога Бугарија со султански ферман добила самостојна црква, од рускиот двор Партениј бил предложен за егзарх, но бидејќи бил Македонец не му го дозволиле тоа. Овој факт, како и во случајот со Ѓоргија Пулевски, укажува дека официјалната бугарска власт не ги сметала за Бугари оние Македонци што се бореле за македонска самобитност и за посебен македонски јазик и не им давала високи функции во државната и во црковната хиерархија. По создавањето на Бугарската егзархија, во 1872 година, Партениј Зографски останал да дејствува како егзархиски митрополит во Пирот до октомври 1874 година, кога поднел оставка поради здравствени причини. Потоа Партениј заминал во Цариград, да работи во централата на егзархијата.

Назад во Галичник и во Дебар

Добар дел од својот живот Партениј ги споделувал своите учебници во Македонија и во еден дел од Србија, но бугарската критика остро се нафрлала врз неговата јазична концепција. Со своите дела Партениј укажал на некои основни карактеристики на својот говор, кои ја претставуваат суштинската разлика меѓу македонскиот и бугарскиот јазик. Иако не ги формулирал сосема тие особености на македонскиот јазик, сепак сметал на неговата посебност.
Многубројните пречки и клевети од страна на бугарските и на грчките великодостојници и противници на македонскиот јазик ја засилувале решеноста на Партениј да истрае за благородното дело, за културното издигнување на македонскиот народ, за што сведочи неговата грижа за школување на 24 млади Македонци на високите школи во европските земји.

Насетувајќи ја големата опасност од асимилирање на македонското православно население во Охридската и во Дебарско-кичевската епархија од страна на влијанијата на Бугарската егзархија и на Грчката патријаршија, во јуни во 1875 година, познатиот преродбеник, архимандрит, епископ кукушко-полјански и митрополит нишавски, галичанецот Партениј Зографски се враќа од духовна и просветителска мисија во својот роден крај. Целта е да помогне во успешното и храбро водење на црковната и училишната борба на своите Мијаци. Иако бил многу болен и снеможен, во него сè уште имало невидена енергија и духовна сила за да им се спротивстави на многубројните агитатори од страна на егзархиските и патријаршиски агенти и свештеници, олицетворени во владиците Натанаил и Антим.

Најпрво го посетил преродбенскиот центар, неговото родно место Галичник, каде што добил првични информации за состојбата во епархијата, а потоа се упатил да посети и други населени места. Прв во неговата мисија бил градот Дебар, таму му бил приреден величествен пречек од две илјади поклоници и многу градски и селски првенци, меѓу кои и галичкиот првенец Тодор Томоски, поп Трпе и поп Томо, кичевчаните Димитар Бојажиев и Димитар Стршен, охриѓаните Коста Групче и Атанас Робев, дебарчаните Илија Топалоски и Атанас и Симон Бојажиеви.

Духовен и просветителски водич

Во црквата „Св. Богородица“ одржал молебен на кој учествувале 18 свештеници од дебарските и од околните цркви. Тоа било невиден настан и празник за дебарчани и целата паства во Дебарско-кичевската епархија, бидејќи присуството на една толку висока личност (како на големиот македонски преродбеник, најучениот човек на Балканот во тоа време и духовен водач Партениј Зографски) ретко можело да се доживее во овој крај. По свечениот чин се одржала седница на црковно-училишната општина, на која ѝ препорачал да се градат нови македонски цркви и училишта, без да се водат бесполезни полемики и расправии со бугарофилите и со гркофилите. Тој истакнал дека преку овие институции треба да се остварува македонската програма за духовна одбрана од туѓите надворешни влијанија. Своите земјаци ги терал во училиштата да гледаат како на фактори што даваат можност за успешно негување на старите словенски традиции, на јазикот, на писменоста и на културата. Сакал тие институции да ги будат свеста и чувството за македонската етнонационална припадност. Исто така, во разговорот, епископот укажувал на потребата од постојани врски со црковнопросветните движења во другите краишта на Македонија, за да се добие општонационален карактер. Ги информирал за иницијативата за унијатство со Римокатоличката црква, како можност за остварување на вековниот сон на Македонците за своја автокефална црква.

Освен Дебарско, Партениј обиколил и многу места во Кичевско и во Демирхисарско. На таа негова обиколка констатирал дека во многу места се употребуваат неговата граматика и учебниците на Пулевски и на Шапкарев. Но тешко му паѓало кога во некои средини барале негови учебници, а тој не бил во можност да им набави поради физичката исцрпеност и болеста што го нападнала. Од тие причини во некои училишта им држел часови и на учениците преку прашања и одговори им објаснувал за некои поими од областа на граматиката.

Клучарот на македонската ризница

Повеќемесечниот престој на отец Партениј во Дебарско-кичевската епархија предизвикал дотогаш невидени остри реакции и негодувања од страна на бугарските и на грчките власти, барајќи Партениј да биде протеран. Кај локалните власти најмногу протестирале владиците Антим и Натанаил, кои се чувствувале загрозено од големата популарност на Партениј, па го клеветеле дека шири верска омраза и дека едно анатемисано лице од егзархот непречено проповеда нова вера… Властите во Дебар и во Охрид не реагирале на ваквите негодувања, знаејќи, пред сè, за каков човек се работи и каква е неговата мисија. Напротив, неуспехот на Натанаил и на Антим да го протераат Партениј ги охрабрил масите да продолжат со својата борба, чувствувајќи дека зад нивните барања стои благородна и силна личност, личност што ги сфаќа објективните услови во кои се наоѓал Македонецот во својата национална и верска борба.

Изморен од долгите средби и патувања и во моментите кога неговиот престој во родниот крај ја постигнал целта, Партениј Зографски (сега со уште повеќе нарушено здравје) бил принуден да оди на лекување во Цариград, каде што требало да заврши и некои од претходно започнатите ракописи. Не ни претчувствувал дека ова е, всушност, и негова разделба од родниот крај и простување од неговите сонародници за навек со една благородна мисија. Само по неколку месеци, на 20 февруари 1876, далеку од својот роден Галичник, му ја предал на Бога својата благородна душа најсветиот духовен великодостојник, архимандрит, прв македонски владика, никулец на македонската преродба, учебникар, преведувач, фолклорист и филолог.
Партениј за навек го оставил своето грандиозно дело, од кое се издигна еден македонски говор на степен на прв словенски книжевен јазик. Не случајно неповторливиот Конески со право ќе го нарече клучарот на народната јазична ризница. Со тоа стана најзаслужен владика и преродбеник за македонската култура, просвета и богослужба.