Првата детска амбасада во светот Меѓаши соопшти дека е загрижена од новите мерки на Владата и Министерството за здравство во врска со спречување на ширењето на коронавирусот. Од таму бараат затворање на градинките и целосна онлајн настава во училиштата.

– Упатуваме апел до властите да дадат поголема поддршка и соодветни услови за работа на здравствените работници вклучително доволно човечки ресурси и доволно заштитна опрема за да не се доведуваат до ситуација самите да ја набавуваат истата, да препознаат дека сега е соодветно време за префрлање и на децата до трето одделение на онлајн настава и затворање на градинките, а родителите на децата до десет годишна возраст да се ослободат од работа – се наведува во соопштението.

Од Меѓаши, исто така, велат дека загрижува тоа што во детските оддели од болниците во иста просторија се прегледуваат деца за кои постои сомнеж дека се заразени со ковид-19 и деца дојдени од други причини.

Од таму велат дека до нив постојано пристигаат барања за помош и донации од медицинскиот персонал, при што досега најчесто биле барања за донација на заштитна опрема, маски и скафандери, но пристигнало и барање за волонтерска помош.

Од детската амбасада велат дека недостасуваат информации за бројот на позитивни случаи на деца заразени со ковид-19, ниту вкупен, ниту на дневна основа.

– Недостасуваат информации за сместувачките капацитети за хоспитализација на децата што се позитивни и дали има доволен стручен тим посветен само за децата или одговорностите на здравствените работници се и за возрасни и за деца во исто време – прашуваат од Првата детска амбасада во светот Меѓаши – Република Македонија.

Според нив, потребно е итно делување на сите во општеството, тргнувајќи пред се од Владата во насока на мобилизирање на сите ресурси и поставување на здравството како приоритет, вклучително и заострување на мерките.