Прашања и теми во насока на надминување на историографските спорови, но и прашања што во изминатиот период претставуваа пречка во работата на Комисијата, ќе бидат ставени на маса на десеттата средба на билатералната мултидисциплинарна Комисија за историски и образовни прашања помеѓу Македонија и Република Бугарија, која ќе се одржи во наредните два дена во Скопје.

На средбата предвидено е да се заврши со почнатата дискусија во однос на усогласување на препораките за учебниците по историја за седмо одделение во Македонија.

По завршувањето на средбата, в петок, 16 октомври, во 17.45 часот, во Клубот на пратеници е предвидена заедничка изјава за медиумите на двајцата копретседатели на Комисијата, Драги Ѓоргиев од македонска страна, и Ангел Димитров од бугарска страна.

Досега, за период од две години, Комисијата има препорачано заедничко одбележување на пет историски личности од значење за историјата и културата на македонскиот и бугарскиот народ, но и за другите народи на Балканот и во Европа – свети Кирил и Методиј, свети Климент, свети Наум и цар Самуил. Усвоени за препораки и за подобрување на учебниците по историја за шесто одделение во земјата и за петти клас во Бугарија, кои се однесуваат на античкиот период од минатото, како и препораки за подобрување на учебниците за 6 клас/7 одделение.