Фото: Игор Бансколиев

Наближуваат новогодишните и божиќните празници, а, како по обичај, домашните трговци пред секој поголем празник ги покачуваат цените на месото, кои оваа година отидоа до небо, поради заканата од свинска чума.
По обелоденувањето на веста за оваа болест, цените на свинското месо во Македонија се зголемија меѓу 20 и 30 отсто, па во месарниците и во трговските центри еден килограм свинска кртина се продава за над 400 денари, иако претходно цената на свинското се движеше помеѓу 250 и 350 денари за еден килограм.
Од друга страна, домашните фармери тврдат дека тие не ја покачиле цената и дека сѐ уште еден килограм свинско продаваат за 105 денари. Поскапено е и телешкото месо, па за еден килограм телешки бут без коска треба да се одвојат околу 700 денари. Јунешкото месо е нешто поевтино, па еден килограм бут од ова месо чини околу 500 денари.

Од Групацијата на производители на свинско месо не се изненадени од ваквиот потег на трговците и очекуваат цените на месото до Нова година уште повеќе да растат.
– Цени од 400 денари за свинско месо се манипулација на трговците – сметаат од Групацијата на производители на свинско месо.
Незадоволство има и кај потрошувачите, кои сметаат дека со вакви цени државата веќе е влезена во Европската Унија (ЕУ).

– Цените на местото се навистина превисоки, како да сме во ЕУ, а пензиите ни се мали. Порано земав по два килограма месо за време на празниците, сега ќе се задоволам и со еден килограм. Настрана тоа што е скапо месото, не сум задоволна ниту од квалитетот. Кога ќе ги прашате трговците, тврдат дека месото што ви го продаваат е свежо и од домашни фарми, а кога ќе го зготвите, вкусот е поинаков од она на што сум навикнала. Мислам дека како муштерии треба да знаеме какво месо купуваме, домашно, странско, смрзнато и какво ли уште не – вели Цветанка Стојчевска, пензионерка од Скопје.

Без оглед на востановената практика на македонските трговци да ги покачуваат цените на производите во пресрет на празниците, сепак, кога станува збор за цената на местото во Македонија во однос на оние во земјите-членки на ЕУ, таа е нешто пониска, но и примањата се далеку под европскиот просек.
Според истражувањето на „Евростат“, лани цените на месото во Австрија биле речиси за 50 отсто повисоки од просекот на ЕУ, а потоа следуваат Луксембург, Франција и Белгија.

Од друга страна, Полјаците и Романците јаделе најевтино месо во ЕУ минатата година. Цените на месото во Полска и Романија биле за 37 проценти пониски од просечната цена во ЕУ, а приближни цени на месото имало и во Бугарија и во Литванија.