Собранието денеска на предлог на Министерството за труд и социјална политика ги изгласа најновите измени и дополнувања на Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатијата во доминантна државна сопственост.

Законот стапува на сила со објавувањето во Службен весник, a стечајните работници од петок ќе можат да поднесуваат барања во Центрите за вработување за да може да го остварат правото на користење на месечен надометок од околу 8.000 денари.

Од Владата велат дека со последните измени опфатот на стечајни работници коишто ќе бидат материјално обезбедени до нивно пензионирање се проширува на уште 1.000 лица, со што вкупната бројка на материјално обезбедени стечајци за две и пол години е 12.000.

– Како за споредба, претходната власт за вкупно 11 години владеење успеа да реши само 4.000 стечајни работници – велат од Владата.

Додаваат дека со неколкуте измени коишто претходно бea направени на предлог на Министерството за труд и социјална политика, покажале дека Владата има слух за работниците коишто со години беа оставени без никакви приходи и без работа како последица на транзицијата.