Во пресрет на денешниот самит во Берлин чии домаќини се германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, германските медиуми ја анализираат состојбата во земјите од Западниот Балкан и ја коментираат нивната подготвеност за приближување кон ЕУ, пренесува „Дојче Веле“. Според нив, Македонија е единствената земја од Западниот Балкан која заслужува да биде наградена со датум за почеток на преговори со ЕУ, пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, а „Велт“ тврди дека Меркел планира да го притисне Макрон за преговорите со ЕУ.

– Земјите од регионот и натаму заслужуваат поддршка, но натамошно приближување кон ЕУ во моментов би било погрешен сигнал. Со еден исклучок: Северна Македонија има една реформски ориентирана Влада, која направи храбри компромиси за сонот Европа, менувајќи го и своето име за да го надмине стариот спор со ЕУ-членката Грција. Почеток на пристапните преговори ќе биде адекватно признание за големата храброст. Каде ќе завршат тие преговори на крај, ќе покаже времето. Секако ќе траат со години. Но остатокот од регионот оддава една матна слика. Тоа особено важи за Србија – пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Во неделното издание весникот „Велт“ пишува дека канцеларката Меркел сака по секоја цена да го убеди Макрон да ѝ се даде шанса на Македонија во јуни  да ги започне преговорите со ЕУ.

Според весникот, клучни ќе бидат два разговора, кои ќе се случат во понеделник. Прво Меркел ќе разговара во четири очи со македонскиот премиер Зоран Заев. Потоа со Макрон.

– Меркел сака да ја награди Македонија за нејзината заложба во спорот за името со скор почеток на преговорите со ЕУ. Макрон, кој повеќе е заинтересиран за продлабочување одошто за проширување на ЕУ, не го сака тоа. Но, компромис е можен. Меркел ветува дека силно ќе се заложи кај Макрон за брз почеток на преговорите, а Македонија трпеливо ќе чека до по изборите за Европскиот парламент, за Макрон да си го спаси образот. Околу тоа денеска ништо нема да биде објавено – пишува „Велт“.

На шесте држави од Западниот Балкан мора да им се даде јасна перспектива за членство во ЕУ. Организирањето утешни самити еднаш годишно како концепт за Балканот е премалку, заклучува „Зиддојче Цајтунг“.