Македонските медиуми и јавност во пресрет на претстојниот референдум се исправени пред сериозен предизвик, кој се должи на евидентниот „квантитативен и квалитативен скок“ на феноменот на т.н. лажни вести, кој, според упатените, предизвикува тешка ерозија не само во самите темели на седмата сила и во довербата на публиката туку и во општочовечките и општествените текови и универзални вредности

Поминаа повеќе од четири години од почетокот на војната во Украина, во ноември 2013 година, кога на плоштадот „Мајдан“ во Киев почнаа протестите на Портокаловата револуција против украинскиот претседател Виктор Јанукович. Епилогот од немирите беше приближно 10.000 лица загинати и повеќе од 20.000 повредени, а пропагандната војна, која се водеше со помош на лажните вести, експресно експанзира, долевајќи масло во огнот на кризата.

Присуството на камери и фотографи тогаш ѝ овозможи на јавноста да го следи движењето одблизу, што можеби беше и планирана форма за испраќање политичка порака на движењето, но во исто време во полн капацитет работеше и медиумскиот апарат на другата страна, кој лиферуваше спротивни информации за истото случување. Со тоа не само што имаше реален воен судир во Украина туку постоеше и тешка медиумска војна, која, за разлика од првата во локални рамки, ги проби рамките на локална војна и доби глобални размери. Меката моќ на пропагандата дојде до израз, а лажните вести беа примарната алатка.

Ваквата појава на лажно информирање што се користеше тогаш во јавноста со пренесување невистинити информации од терен низ мрежата на виртуелниот, но и на реалниот свет на комуникациите и медиумите, го создаде и го обнови феноменот на лажните вести и ги потврди нивниот извонредно силен потенцијал наречен „мека моќ“ и големото значење во информативниот сегмент на Европа, но и во светот.
Феноменот на ширење лажни вести, поради постигнатите ефекти кај читателите, гледачите и слушателите, брзо се рашири и стана „популарен“. Заслуга за својата „популарност“ лажните вести имаат особено по минатогодишните претседателски избори во САД, а во рамките на лиферувањето лажни вести, и одредени портали во Македонија беа длабоко инволвирани.

Тогаш и македонската т.н. „фејк њуз“ индустрија, која со странска помош стана препознатлива од светски размери (за неа во моментов се води дури и меѓународно истражување), прерасна во секојдневие и за домашниот медиумски простор. Токму ширењето на лажните вести стана наша локална, но и глобална реалност, која, за жал, сѐ повеќе станува алатка за манипулации во јавноста. Таквата алатка се става во функција на моделирањето и насочувањето на јавното мислење по нечија желба или потреба преку пласирање лажни информации и вести што немаат никаква врска со вистината и со реалноста или имаат само допирни точки со некоја фактичка состојба, но потоа вистинските вести се ретушираат, извртуваат и моделираат по желба.
Во контекст на оваа „модерна интернет-епидемија“, балканските држави се најранливи на лажните вести и на феноменот поствистина (?!) во Европа.

Со феноменот на ширење невистинити информации не се соочува само нашата земја, туку тоа станува своевиден глобален тренд, односно проблем. Тргнувајќи од сериозноста на проблемот и ризиците што ги носи, оваа интернет-болест, како што ја нарекуваат експертите, деновиве повторно се актуализира, пред претстојниот референдум во земјава, на кој треба граѓаните да се изјаснат за спогодбата со Грција од Нивици. Македонските медиуми во пресрет на закажаниот референдум на 30 септември се исправени пред сериозна криза, која се должи на евидентниот пораст на феноменот на лажни вести, кој, според упатените, предизвикува криза во самите нивни темели, односно во довербата на публиката.

Ширењето на лажните вести стана наша локална, но и глобална реалност, која, за жал, сѐ повеќе станува алатка за манипулации во јавноста. Таквата алатка се става во функција на моделирање и насочување на јавното мислење по нечија желба или потреба преку пласирање лажни информации и вести што немаат никаква врска со вистината и со реалноста или имаат само допирни точки со некоја фактичка состојба, но потоа вистинските вести се ретушираат, извртуваат и моделираат по желба

Ако нешто често споменуваш, значи дека веруваш во тоа, коментира кратко Мирче Адамчевски, долгогодишен новинар и претседател на комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите. Тој во изјава за „Нова Македонија“ вели дека во секое предизборие, секако, се зголемува бројот на лажните вести исто како што се зголемува и генерално бројот на вестите, бројот на настапите на политичарите, а паралелно со тоа имаме и многу манипулации и спинови.

– Ова е нормален процес и не е некаква новина ниту за нас ниту за другите држави во светот. Лажните вести или неточните ги имало секогаш во историјата и ќе ги има, така што битката со нив ќе продолжи. Проблемот е во нивното решавање, кое, пак, зависи од самите новинари и преземањето на овие информации и понатамошно нивно пласирање на јавноста – вели долгогодишниот новинар Адамчевски.

Адамчевски во исто време и не очекува многу од новинарите, бидејќи, како што вели, тие досега покажале дека не се спротивставиле на многу работи што ги засегале и лично, како притисоците во нивната работа или лошите услови во кои работат.

– Многу веројатно и сега новинарите нема да ги запазат основните принципи на новинарството и етиката и нема да се спротивстават на пласманот на овие информации во јавноста, кои, пак, доаѓаат од одредени центри за одредена намена. Додека таа битка не се избори на повисоко ниво, ваквиот феномен тешко дека ќе може да исчезне, особено во овој период на Интернет, кога сите информации му се достапни секому – заклучува Адамчевски.

Инаку, за потсетување, претставниците на Владата на истата тема на почетокот од нивниот мандат изјавија дека таа е критички насочена кон новата интернет-индустрија, која врши манипулација со вестите.

– Ние ќе преземеме иницијатива за глобално координиран напор за справување со лажните вести и, исто така, го охрабруваме нашето граѓанско општество да помогне во спречувањето на овој феномен преку создавање алатки за откривање лажни вести – изјави неодамна портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.


Принципи на новинарството

Во 1997 година, организација што тогаш беше раководена од ПЕЈ, Комитет на засегнати новинари (ЦЦЈ), поведе национална дискусија помеѓу граѓаните и новинарите за идентификување и за разјаснување на принципите врз кои се темели новинарството. По четиригодишно истражување, вклучувајќи и 20 јавни форуми во земјата, проучување на историјата на новинарството, национална анкета на новинарите и друго, групата објави „Изјава (писмо, соопштение) за заедничка намера (цел)“, со која се идентификувани девет принципи. Овие принципи станаа основа за книгата „Елементи на новинарството“, чии автори се директорот на ПЕЈ, Том Розенштил, и претседателот на ЦЦЈ, Бил Ковач. Во продолжение се претставени принципите наведени во оригиналната „Изјава за заедничка намера “.
1. Прва одговорност на новинарството е вистината!
2. Неговата прва лојалност е онаа кон граѓаните!
3. Суштината на новинарството е дисциплината за проверка на информациите!
4. Новинарите мора да одржат независност од оние за кои известуваат, што е камен-темелник на неговата веродостојност!
5. Новинарството мора да служи како независен набљудувач на моќта!
6. Медиумите мора да обезбедат форум за јавна критика и компромис!
7. Новинарството мора да се стреми важното да го направи интересно и релевантно!
8. Новинарството мора да ги одржи вестите сеопфатни и пропорционални!
9. На новинарите мора да им се дозволи да ја изразат личната совест. Секој новинар мора да има лично чувство на етика и одговорност – морален компас!


Декларација како стандард за професионално однесување

Новинарите на Меѓународната федерација на новинари (ИФЈ) ја објавија и меѓународната декларација како стандард за професионално однесување на новинарите што се вклучени во собирање, пренесување распространување и коментирање вести и информации за опишување на настаните. Во продолжение кодексот на новинарството.
1. Почитта кон вистината и кон правото на јавноста за вистината е првата должност на новинарот.
2. Во остварувањето на оваа должност, новинарот постојано ќе ги брани принципите на слободата при чесното собирање и објавување вести, како и правото на фер коментар и критика.
3. Новинарот ќе објавува само во согласност со фактите, на кои тој им го знае потеклото. Новинарот не смее да ги прикрива клучните информации или да фалсификува документи.
4. Новинарот ќе користи само фер методи за собирање вести, фотографии и документи.
5. Новинарот ќе стори сѐ што може за да ја исправи секоја објавена информација за која ќе биде утврдено дека е погрешна и може да предизвика штета.
6. Новинарот ќе ја почитува професионалната тајност во однос на изворот на информацијата добиена во доверба.
7. Новинарот ќе предупреди на опасноста од дискриминација промовирана од медиумите и ќе стори сѐ за да избегне помагање дискриминации врз основа на (меѓу другото) раса, пол, сексуална ориентација, јазик, религија, политички или друг став и национално и општествено потекло.
8. Новинарот ќе ги смета за тешки професионални прекршоци следните дејства: плагијаторство, злонамерно погрешно толкување, клеветење, лажно обвинување, кодошење, неосновани обвинувања, прифаќање поткуп во каква било форма во однос на објавување или необјавување.
9. Совесните новинари ќе ја исполнат својата должност за чесно почитување на горенаведените принципи. Во рамките на општите закони на секоја земја, новинарот ќе ја признае само јурисдикцијата на колегите кога станува збор за професионалните работи, без какво било мешање на владите или другите.

Фото: Маја Јаневска-Илиева