Унијата на здруженија на медицински сестри бара ноќниот труд на сестрите да биде платен според саатнината за дежурства, а не за ноќна смена, како што предвидува членот 2016 од Законот за здравствена заштита.

Претседателката на Унијата на шест здруженија на медицински сестри и на Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки, Гордана Бешлиовска,  на прес-конференција истакна дека денеска ова барање го доставиле и за него дискутирале со претседателот на Гранковиот синдикат за здравство Љубиша Каранфиловски, кој веќе почнал преговори со Министерството за здравство за потпишување анекс на Колективниот договор во делот на ноќен труд и дежурства.

Таа наведе дека во нивната Унија членуваат над 5.500 членови, но бидејќи не се организирани во комора немаат свој правен претставник во преговорите. Образложи дека според сегашниот начин на пресметка за ноќната смена тие добиваат 2015 денари или 29 проценти од саатнината, а со најавеното зголемување на 65 проценти од саатнината би добиле покачување од само 80 денари, што велат, не е прифатливо.

– Условно не се согласуваме со ваквото покачување на ноќниот труд, бидејќи ова е еден селективен пристап, пред се, за одреден кадар од нашите профили од сите сродни гранки. Би бил поволен само доколку во членот 216 од Законот за здравствена заштита каде обезбедувањето на континуираната здравствена заштита од страна на лекарите се овозможува во вид на дежурство, истото да се однесува и за сестрите, вели Бешлиовска. 

Појаснува дека сестрите со плаќањето за ноќниот труд според саатнината, значи дека се организирани во сменска работа, која законски е одредена заради континуирана здравствена заштита, но во пракса, вели, сестрите и другите сродни струки не работат во таква сменска работа, туку заради потребите на службите и дефицит на персоналот во викендите, празниците, па и во обичните денови работат по 15-16 часа, со што ја надминуваат 12-часовната саатнина која формира сменска работа, односно влегуваат во саатнина која значи дежурство. 

– Ние сестрите остваруваме континуирана здравствена заштита по основ на дежурства и во тој случај со измената на членот 216 би биле вреднувани како што треба. Во актуелната ситуација имате паралелно дежурство од 16 часа и наспороти носителите на здравствената дејност (докторите), кои се платени по основ на дежурства, сестрите се платени по основ на ноќен труд, рече Бешлиевска. 

Со проблеми се соочуваат и сестрите – концесионери. Како што појасни Снежана Спировска претставник на сестрите – концесионери, по пензионирањето на лекарите – концесионери тие остануваат без работа, а станува збор за здравствени работници и со 30 години работен стаж. Бараат повеќето од сестри-концесионери да се врата во Здравстевниот дом.

Досега Гранковиот синдикат за здравство и Клиничкиот синдикат имаат одржано три средби околу дефинирањето на анексот на Колективниот договор за здравствените работници во делот на зголемувањата на исплатата на дежурствата и ноќниот труд.