Министерството за внатрешни работи објави оглас за вработување на 600 полицајци. На огласот се бараат полицајци за секторите за внатрешни работи во Скопје, Струмица, Охрид, Битола, Тетово, Велес, Штип и Куманово како и за Регионалните центри за гранични работи – Север, Запад, Југ и Исток.

Кандидатите треба да ги исполнуваат следните општи услови: да е државјанин на Македонија; да е полнолетен, а да не наполнил 25 години живот ако за првпат заснова работен однос на работно место во Министерството за кое е предвидено средно образование; активно да го користи македонскиот јазик и неговото кирилско писмо; со безбедносна проверка да е утврдено дека не постои безбедносен ризик од вработување на кандидатот; да има завршено најмалку четиригодишно средно образование; да е здравствено и психофизички способен и со правосилна пресуда да не му е изречена казна забрана на вршење професија, дејност или должност.

Кандидатите треба да ги исполнуваат следните посебни услови: потребна телесна висина од најмалку 175 сантиметри за мажи односно 165 сантиметри за жени и висока лична физичка подготвеност.

Постапката за селекција на кандидатите ја спроведува Комисија за избор на кандидат за полицаец формирана од страна на министерот која го определува редоследот на фазите за селекција. Селекцијата се спроведува во следните фази: административна селекција на поднесената документација, проверка на моторички способности, психолошки тест, писмено тестирање, интервју, безбедносна проверка и здравствени прегледи.

Јавниот оглас е објавен денеска на веб-страницата на МВР.