Министерката Мила Царовска се сретна со средношколците

Министерката за образование и наука Мила Царовска денес се сретна со претставници на Сојузот на средношколци. На состанокот се разговарало за претстојното полагање на матурата, програмите и начинот на којшто ќе се организираат испитите.

Министерката истакнала дека ставот на МОН е оти државна матура треба да има како и во сите останати европски држави и држави од регионот.

– Образованието мора да продолжи да тече дури и во овие услови, бидејќи се работи за иднината на младите генерации. Ние нема да дозволиме пандемијата да се одрази на нивниот развој и нивниот напредок. Иако оваа година сите се соочуваме со нови предизвици, мора да обезбедиме континуитет во образовниот процес. Имаме шест месеци да се подготвиме за државната матура, што е повеќе од доволно за нејзино организирање – истакнала министерката на средбата.

„Разбираме дека постои страв и несигурност кај средношколците во однос на безбедноста и самиот процес на подготовка. Но, работиме во вонредни услови, подготовките веќе течат. Првата одлука која ја донесовме е да ги скратиме програмите по кои ќе се одржуваат испитите, со цел полагањето да биде ефективно и организирано“, додала Царовска.

Средношколците на средбата биле информирани дека МОН преку Државниот испитен центар веќе ги известило секретарите на училиштата и наставниците за новините во државната матура: датумите на полагање, листата за избор на предмети, проширената листа на екстерни предмети за гимназиско образование со информатика и географија, новата програма за проектна задача, внесот на податоци во база, како и сите рокови при реализација на државната матура.

Царовска посочила дека ќе се најде начин како полагањето да биде безбедно.

– Работиме на креирање систем кој ќе им помогне на средношколците да се подготват и да постигнат високи резултати на државната матура, кои ќе им бидат основа за понатамошно нивно надградување – додала министeрката.

На состанокот била најавена и целосно нова концепција за државната матура којашто ќе се применува од 2021/2022 година, а во чија изработка ќе бидат вклучени и наставниците и средношколците.