Фото: Маја Јаневска-Илиева

Матурантите денеска од 10 часот ќе го полагаат вториот екстерен испит.

Гимназијалците и оние од стручното образование, избираа помеѓу предметите математика и странски јазик, додека за уметничките училишта странски јазик е во алтернација со филозофија и естетика.

Според податоците на Државниот испитен центар, тест по математика избрале 1529 кандидати. Најголем број ученици, 13.452, се пријавиле за англиски јазик, германски ќе полагаат 140 матуранти, француски јазик 32 и руски јазик 18.

Претходно во саботата, матурантите го полагаа првиот екстерен испит – мајчин јазик, што беше задолжителен за сите 15.294 пријавени матуранти. Од нив, македонски јазик и литература полагаа 10.848 ученици, албански јазик и литература 4.078, и турски јазик и литература 272.

Од вкупно пријавените над 15.000 кандидати, 7.050 се од гимназиско образование, 7.983 од средно стручно образование и 261 од средно уметничко образование.

Резултатите од двата екстерни испита ќе бидат објавени на почетокот на јули, односно најдоцна 30 дена од вториот екстерен испит.

Дополнителни термини за полагање се овозможени за матурантите кои се во изолација или боледуваат од коронавирусот. Оние, пак, кои нема да ја положат матурата во јуни, ќе добијат втора прилика во августовската сесија (на 11 и на 13 август).