Фото: Маја Јаневска-Илиева

По повод верскиот празник Богојавление – Водици, низ целата земја вчера се одржаа литургии по кои следуваше спуштањето на крстот во вода, со што се одбележува крштевањето како една од светите тајни на христијанството. Од година на година сѐ помасовно е учеството на верници во осветувањето на водите со светиот крстот, што традиционално се практикува секоја година. Исто така, покрај учесниците, манифестациите масовно ги следат и голем број гости и верници низ целата држава.

На церемонијата во Скопје најсреќен беше Кристијан Ниневски
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во Скопје литургијата ја држеше г.г. Стефан, поглавар на Македонската православна црква – ОА, а најсреќен меѓу стотината пријавени верници што скокнаа во водите на Вардар беше Кристијан Ниневски, кој прв стигна до крстот. Ниневски и минатата година успеа прв да стигне до крстот, а веќе седми пат учествува во манифестацијата.
Покрај централната манифестација одржана во Скопје, со големо внимание беше проследено и осветувањето на водите во Охридско Езеро. Охриѓанец Петар Рупески прв го извади крстот од Охридско Езеро, а нему ова му е петти пат како го фаќа крстот. Првиот пат крстот го фатил во 2005 година. Осветувањето на водите на Охридско Езеро го спроведоа великодостојници на Дебарско-кичевската епархија, а го следеа десет илјади луѓе, православни верници од Охрид и од други делови на Македонија, но и гости од странство.

Филип Стојаноски беше најбрз меѓу прилепчани и го фати крстот во осветените води на базенот „Салида“. Инаку, во Прилеп скокаа 110 лица, од кои 6 девојки, а најмладиот учесник имаше девет години.

Младиот Христијан Врапчароски во својот трет обид, по вторпат го извади крстот од водите на базенот во Кичево, откако предминатата година првпат го фати крстот.
Свеченоста започна во црковниот храм „Свети Петар и Павле“, каде што беше отслужена божествена литургија, по што поворката се упати кон базенот во поранешниот Дом на АРМ, каде што свештенството изврши богојавленски водосвет, по што во водите на базенот беше положен светиот крст, а во фаќањето на крстот учествуваа педесетина млади од градот.

Во Охрид прв до светиот крст стигна Петар Рупески
Фото: Емил Јовановиќ

Во Битола најуспешен во трката за крстот беше 17-годишниот Петар Атанасовски, кој досега скокал трипати, а двапати го фатил крстот. Меѓу педесетината млади што се обиделе да го фатат крстот имаше и една девојка, а најмлад учесник беше 11-годишниот Марко.

Свеченото одбележување на празникот го обележи и една несекојдневна ситуација. Потрагата по крстот во Пробиштип, кој се фрлал во базенот во аквапаркот, траела 40 минути, но учесниците не успеале да го најдат осветениот крст. Потоа свештениците вторпат фрлиле осветен крст, но по истиот скокнале само двајца од пријавените кандидати. Н. М.