На 8 март, понеделник, по повод Меѓународниот ден на жената, со почеток во 15 часот, од пред Министерство за внатрешни работи ќе започне петтиот Марш за женски права, најави Платформата за родова еднаквост.

– На овој протестен марш под слоганот: „Држава што не постапува е држава што силува“, заеднички ќе упатиме порака дека не можеме да бидеме слободни, кога сè уште се бориме за нашите работнички права, достоинство и почит, и живееме под закана од насилство и системска дискриминација. Маршираме бидејќи држава што не постапува е држава што силува. Маршираме за поддршка на сите жртви на криминалната група „Јавна соба“ и сите жртви на родово засновано насилство – стои во најавата.

Од таму ги повторија нивните барања Јавното обвинителство неодложно и темелно да го расчисти случајот „Јавна соба“, кривичен прогон на администраторите на групите, како и сите членови кои праќале и сѐ уште праќаат фотографии и објавуваат лични податоци на девојки и жени и сексуалното вознемирување преку интернет посебно да се регулира и во Кривичниот законик.

Потоа бараат професионално постапување, помош и поддршка на жртвите на родово засновано насилство од страна на сите надлежни институции.