Министерот за правда Бојан Маричиќ се обрати на панел-дискусија на која се одбележа отпочнувањето на проектот финансиран од ЕУ и кофинансиран од УНИЦЕФ со наслов: „Прав(да) за деца – ЕУ за малолетничка правда и правда по мерка на децата”.

Како доказ за посветеноста на Министерството за правда за подобрување на правната рамка за правата на детето, Маричиќ го цитираше Извештајот на Европската комисија за 2020 година, каде се потврдува дека истата е во голема мера усогласена со меѓународните стандарди и дека она на што треба да се работи е нејзино спроведување во практика.

– Гледајќи на децата како ‘производ’ на околностите во кои тие растеле и се развивале, наша мисија како претставници на институциите од кои доаѓаме е да им подадеме рака на оние деца кои се во судир со законот и да им помогнеме да изградат култура на ненасилство, здрави врски и навики, да им ја вратиме самодовербата и емотивната стабилност, да им обезбедиме соодветно образование и да ги вратиме на вистинскиот пат во животот. Должни сме да го унапредуваме системот за правда за децата кој ќе им подава рака на децата и систем кој ќе гарантира правда по мерка на детето – потенцираше Маричиќ.

Отворањето на новиот Воспитно-поправен дом – Тетово е токму таков чекор со кој се овозможуваат топли и грижливи услови за рехабилитација и ресоцијализација на децата кои се во судир со законот, смета Маричиќ, кој додаде дека се запазени сите стандарди за тоа како треба да изгледа ваков дом во кој децата имаат навистина одлични услови за учење, спортување и здравствена заштита.

Маричиќ истакна дека институциите мора да бидат подготвени да превенираат секундарна виктимизација на децата во судир со законот, имајќи ги предвид нивните минати искуства и предизвици со кои се соочувале во текот на животот. Во иднина, посебен фокус ќе се стави на континуираната едукација и јакнење на специјализацијата на субјектите во системот на правда за децата и јакнење на нивната меѓуинституционална соработка. Од досегашната примена на законот, министерот за правда истакна дека можеме да заклучиме дека во најголем број случаи, субјектите во системот на правда за децата применуваат мерки, односно санкции кои не вклучуваат лишување од слобода на децата што кореспондира со Законот за правда за деца и меѓународните стандарди.

Добра вест е и тоа што изминатите години забележан е тренд на значително намалување на изречените заводски воспитни мерки од страна на судовите, што е за поздравување и што покажува дека системот функционира во интерес на детето и дека не се применуваат најрестриктивните мерки. Статистичките податоци говорат дека во 2018 година се забележува значително намалување на изречените заводски воспитни мерки од страна на судовите, односно тие биле изречени спрема вкупно 12 деца, за разлика од 2017 година кога заводски мерки упатување во воспитна установа или во воспитно-поправен дом биле изречени спрема 53 деца. Натамошно надоградување на системот за правда за децата е дел од Акцискиот План на Министерството за правда за спроведување на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор за 2017-2022, а во тек на подготовка се измени на Законот за правда за децата. Законот треба да овозможи зајакнување на заштитата на децата жртви на кривичните дела, вклучувајќи мерки за рехабилитација, реинтеграција во општеството и интензивирана едукација на децата, како и усогласување со новодонесените директиви на ЕУ кои се однесуваат на процедуралните гаранции за заштита на децата кои се осомничени или обвинети.