Министерот за правда, Бојан Маричиќ, во своето обраќање на конференцијата „Ефикасност на работата на судии и судска администрација“, кажа дека планот за дигитализација на судството е готов, Владата го усвои и дека следната фаза е практично дигитализација, односно пристигнувањето и инсталирање на информатичката технологија. Според планот, целосно ќе се дигитализираат речиси 200 судници и 34 судови.

– Дигитализацијата, за жал во некои сегменти во општеството наидува на отпор, но ќе се сложиме дека отпор кон модернизација не треба да има. Таа ќе се случи, порано или подоцна во сите сегменти на живеењето. Судството секако нема да биде „поштедено“. Сите досегашни анализи укажуваат дека преку дигитализацијата, судењата на далечина или онлајн судењата за 60% ја зголемуваат ефикасноста и транспарентноста. Дополнително, на овој начин се намалуваат трошоците – потенцира Маричиќ.

Тој посебно се заблагодари за финансиска и стручна помош од ОБСЕ, Европската Унија, САД и Норвешката Влада, кои директно асистираат во големиот проект за дигитализација на македонските судови.