Министерот за правда Бојан Маричиќ денеска преку видеоконференциска врска ја оствари првата официјална средба со еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс, на која дискутираа за евроинтеграциите на Северна Македонија и реформите во областа на владеењето на правото и правосудството.

Министерот Маричиќ истакна дека покрај сите премрежија, очекува првата Меѓувладина конференција за официјален почеток на преговорите со ЕУ да се одржи до крајот на 2020 година, а дека тој процес значително ќе влијае на развојот на Северна Македонија и темпото на реформите во сите области. Според министерот, позитивниот Извештај на Европската комисија, претставува силен аргумент и доволна причина зашто земјата треба да ги започне официјално преговорите до крајот на годинава под германското претседателство.

На состанокот, Маричиќ ја реафирмираше својата подготвеност и заложбата сите реформските процеси од Поглавјето 23: Правосудство и фундаментални права да се прават во блиска координација и партнерство со ЕУ и под лупата на Брисел.

Министерот информираше дека е започнат инклузивен процес на средби и интензивна комуникација со сите засегнати чинители од правосудството, како Судскиот совет, Советот на Јавни обвинители, судовите и обвинителствата, како и релевантните комори, се со цел координација и усогласување пред предвидените реформи во правосудството.

Маричиќ истакна дека во претстојниот период ќе се фокусира на реализирање на мандатната мисија и ќе иницира политики за зголемување на професионалните стандарди, одговорноста и транспарентност на судството и обвинителството.

Воедно, министерот информираше дека тој е силен поддржувач за зајакнување на финансиската независност и капацитетите на судството и обвинителството и дека очекува значително зголемување на нивниот буџет, со што ќе се создадат подобри услови за поефикасна и поефективна борба против организираниот криминал и корупцијата.