Министерот за правда, Бојан Маричиќ, денеска изрази задоволство од конструктивноста на политичките субјекти и од досегашниот постиганат начелен договор за имплементација на препораките на ОБСЕ и ОДИХР, но посочи дека дополнителнително останува да се дефинира самиот изборен модел.

– Партиите ќе мора да продолжат и периодот после изборите, уште поинтензивно и конструктивно да пристапуваат кон ова прашање, бидејќи е од особено значење за државата, но првенствено за самите граѓани – порача министерот.

Како што информираат од ресорното министерство, поголемиот дел од измените на изборниот законик на кои се работело изминатиот период, според препораките на ОБСЕ/ОДИХР, бил во делот на водење на избирачкиот список, начинот на кандидирање, финансирање на изборна кампања и заштита на избирачкото право.

Што се однесува околу самиот изборен модел, Маричиќ истакна дека ставот на владината коалиција е членовите на општинските совети да се бираат преку отворени листи.

– На овој начин граѓаните ќе имаат можност да гласаат повеќе за личност отколку за партија, што ќе биде дополнителна вредност и мотив партиите да кандидираат луѓе со кредибилитет во општеството, односно ќе можат најсоодветно и најквалитетно да одговорат на обврските во советите – посочи министерот.

Тој воедно уште еднаш потенцираше дека и зборниот законик се менува со консензус и од таа пракса нема отстапување.