Министерот за правда Бојан Маричиќ и неговиот заменик, Агим Нухиу, заедно со амбасадорот на Кралството Холандија во Северна Македонија, г. Дирк Јан Коп, претставничката на УНИЦЕФ Патриција Ди Џовани, и директорот на Управата за извршување на санкциите Марјан Спасовски, беа во увид на градежните работи на новиот Воспитно-поправен дом во тетовското село Волковија.

Станува збор за нов објект на воспитнопоправниот дом во кој ќе бидат сместени малолетни штитеници. Со подобрените услови, надлежните очекуваат значително да се подобри грижата, ресоцијализацијата и рехабилитацијата на децата-штитеници.

Вкупната вредност на изградбата на ВПД Тетово изнесува 253.582.000 денари, што е околу четири милиони евра.

Воспитно-поправниот дом претставува целосно нов комплекс на објекти со површина од околу 16.000 м2, ограден со безбедносна жичена ограда, шеталишта, спортско игралиште за кошарка, мал фудбал и ракомет. Целосно се исполнети условите за самостојно функционирање на установата и тоа:

Три објекти за сместување во отворени одделенија и одделенија за засилен надзор, со површина од 1.920 м2;
Покрај сместувачките објекти изграден е административен блок со површина од 1.603 м2, во чии рамки е приемното одделение, одделение за посети, амбуланта за општа медицина и стоматологија, кујна, трпезарија, перална, едукативно одделение, повеќе наменска спортска сала и административен дел за вработените во установата;
Објект со две работилници и гаражи за работно ангажирање на штитениците.
Оваа установа која наскоро ќе биде ставена во функција ги задоволува сите европски стандарди за сместување и работа со деца во судир со законот. Отпадните води целосно се прифаќаат и се одведуваат до пречистителна станица.
Изградена е котларница која за погонско гориво користи лесно масло, наменета за затоплување на просториите, како и соларни панели на секој објект.