Министерот за правда, Бојан Маричиќ, најави ветинг во правосудството, иако вели дека е свесен дека тој процес нема да биде завршен за само неколку месеци.

– Ова подразбира проверка на имотната состојба на судиите и обвинителите од страна на Државната комисија за спречување на корупција. Судскиот совет, од своја страна, пак, во согласност со новите закони, треба да направи детална проверка на работата на судиите, особено во врска со одредени постапувања по предмети кои беа доведени до застареност со одлагање, ретки рочишта и слично – рече Маричиќ.

Тој истакна дека довербата на јавноста во правосудството е на загрижувачко ниско ниво. Маричиќ најави и ревизија по случаен избор на 5 отсто од предметите од висок профил, на случаи кои застариле да се утврди причината.

– Моја мисија е и да предложам со законски измени врз основа на кои Јавното обвинителство ќе мора редовно и континуирано да ја информира јавноста за својата работа и напредокот во предметите кои ги следат граѓаните – рече министерот.

Понатаму, како што нагласи, ќе работи на унапредување на АКМИС-от и електронско поврзување на судовите со јавните обвинителства, задолжителна електронска комуникација со адвокатите, извршителите, нотарите, медијаторите, Агенцијата за катастар на недвижности, Централниот регистар, Државното правобранителство и други субјекти.

– На врвот на листата на приоритетите е и успешен почеток и непречено спроведување на пристапните преговори со Европската Унија за Поглавјето 23: Правосудство и фундаментални права. Во моментот се договара преговарачката рамка и се надевам дека првата меѓувладина конференција ќе ја имаме до крајот на годинава – рече Маричиќ.


Министерот ќе се залага за отворени кандидатски листи

Министерот за правда, Бојан Маричиќ ќе се залага за отворени кандидатски листи, иако вели дека одлуката сепак зависи од партиите во Собранието.

– Тоа е закон кој иако се носи со апсолутно мнозинство, добрата воспоставена пракса на политички дијалог укажува на тоа дека се носи со консензус. Од СДСМ има определба за една изборна единица, но зависи од волјата на останатите. Тоа е системска промена која треба да има консензус околу неа за да можеме да ја спроведеме. Доколку сите партии или главните, клучните со најмногу пратеници во Собрание се согласат околу оваа реформа, ќе ја вградиме – рече Маричиќ.

Според Маричиќ, директниот избор ќе значи поголема врска на избраните со нивните сограѓани, наместо силна врска и зависност само од политичките партии.