Министерот за правда Бојан Маричиќ во обраќањето на „Промоцијата на наодите од мониторингот на парламентарните избори и гласањето на лица со попреченост“ кажа дека институциите и политичарите имаат обврска да обезбедат еднакво учество на лицата со попреченост во политичкиот живот и да го гарантираат нивното право на глас.

– Неспорно е дека бројни други проблеми со кои се соочуваат лицата со попреченост при реализација на политичките права остануваат отворени во моментот, но факт е дека голем дел од нив не се предмет на Изборниот законик, туку на практиката и организацијата на гласањето. Една од нив, согласно меѓународните обврски, е обезбедувањето целосна пристапност на процесот на гласање за лицата со попреченост. Оваа обврска е нешто што сериозно треба да биде сфатено од страна на ДИК, избирачките одбори и локалната власт, имајќи предвид дека исполнувањето на оваа препорака пред сè е предмет на организација и е во нивни раце – рече Маричиќ.

Министерот за правда во обраќањето кажа и дека со претстојниот попис, меѓу другото, ќе се добијат релевантни информации и за лицата со посебни потребни, односно со каков вид тешкотии се соочуваат, дали користат помагала или помош од друго лице.

– Сите овие информации ќе бидат повеќе од корисни при креирањето на сите мерки и политики, со кои ќе им се олесни животот на овие наши сограѓани и дополнително ќе се гарантира нивното учество во сите аспекти на политичкиот живот – рече министерот.