Министерот за правда Бојан Маричиќ преку видеоврска се обрати на 30. сесија на Комисијата за спречување на криминал и кривична правда на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал и ги претстави реформите кои Министерството за правда ги презема во областа на кривичната правда.

– Северна Македонија вложува напори да ја зголеми ефикасноста во борбата против нелегалните финансиски текови и да ги зајакне можностите за конфискација на нелегално стекнатиот имот. Во претстојниот период нашиот фокус е на подготовка на нов Закон за потекло на имот, како и подготовка на нов Кривичен законик. Најзначајно, Северна Македонија работи на воведување на концептот на дигитална судница, а во наредниот период ќе дигитализираме околу 200 судници во државата – истакна Маричиќ.

Министерот ја потенцираше значајноста за почнување на преговорите со ЕУ, затоа што овој процес може само позитивно да влијае и значително да ги забрза реформите во Северна Македонија.