Министерот за правда Бојан Маричиќ на настанот „Темелните права во 2020 година: Рефлексии и поглед напред“ кажа дека Владата демонстрирала посветеност за заштитата на човековите права преку донесувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Во поглед на поголема заштита и унапредување на човековите права, министерот се осврна и на ратификацијата на Истанбулската конвенција, но порача дека реформите во областа владеење на правото се суштински за зголемување на правната сигурност на граѓаните и зголемување на довербата во правосудството.

– Владеењето на правото, правната сигурност и еднаквиот пристап до правдата се наш стратешки приоритет. Почитување на човековите права и слободи не може да постои без квалитетни и сеопфатни реформи во судството и правосудниот систем и заштита на фундаменталните права. Поради тоа нужно е функционирањето на независно, непристрасно и непартизирано судство кое ќе може да гарантира соодветна заштита на човековите права утврдени со Уставот, меѓународните ратификувани документи и домашните закони – истакна Маричиќ.

Македонија веќе втора година како земја посматрач во Агенцијата за фундаментални права е опфатена со овој извештај, а во овогодишниот извештај фокусот е на влијанието на ковид-19 врз темелните права.