Повеќе од седум часа пратениците расправаат за разрешување на тројцата министри, Драган Тевдовски, Сухејл Фазлиу и Хазби Лика. Останатите министри кои беа на списокот од Владата за разрешување – Садула Дураки, Зоран Шапуриќ и Љупчо Николовски, самите поднеле оставка и за нив како што одлучи собранискиот спикер пред почеток на седницата, нема потреба да се расправа.

Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ упатија критики до премиерот Заев дека најавената реконструкција не ги исполнила очекувањата и дека голем дел од министрите требало да бидат сменети. Најмногу критики беа упатени за предлогот Заев да биде и министер за финансии.

– Ако Заев сака да е блиску до парите и да прави едно евро за некого, едно евро за секого, треба да го разреши и заменик-министерот за финансии. Премиер што самиот не знае дека не може да се предложи и за министер, покажува дека е нефункционален. Доколку утре потпишува документи од Министерството за финансии, тоа ќе биде злоупотреба на службената положба – рече Антонијо Милошоски.

Претходно, Заев најави дека ќе се откаже од предлогот тој да биде на чело на министерството за финансии, но дека ќе ја преземе функцијата до изборот на нов министер.

– Уставот и Законот за Влада дозволуваат премиерот да биде и министер. Сепак, му дадов налог на кабинетот да ја повлече мојата кандидатура за министер за финансии. Кога е отворена дилема и дебата, власта, премиерот и сите, треба да ја слушнеме опозицијата, но и телата како Антикорупциската комисија – изјави Заев.