Реформите на јавната администрација продолжуваат со спроведување на хоризонтална функционална анализа. Тоа значи дека конечно во Македонија ќе воведеме ред во хаосот. Институциите ќе се реорганизираат, при што е можно да се појави и потреба од укинување на некои институции, намалување на бројот на управни одбори, односно намалување на трошоците за администрацијата.

Ова денеска го изјави министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, на конференцијата „Современите предизвици во јавната администрација и улогата на партнерство за постигнување решенија“, што се одржува заедно со Центарот за државни служби во Астана, Казахстан.

– На подолг рок тоа ќе значи и ревизија на законот за организација на органите за државната управа. Можеме да очекуваме дека во текот на спроведувањето на оваа реорганизација, ќе се појави потреба од укинување на некои институции, намалување на бројот на управни одбори, односно намалување на трошоците за администрацијата – истакна Манчевски.

Посочи дека на овој процес му претходело мапирање на сите институции во земјата и групирање по статус, по вид, по линии на одговорност, и други релевантни информации, а дополнително била спроведена и хоризонтална функционална анализа на инспекциските служби.

Истакна дека целта била да се оцени поставеноста на институциите во системот на државното уредување, нивната меѓусебна поврзаност, внатрешна организација, систематизација на работни места, интерни работни односи, располагање и користење опрема и средства, што како што посочи, нешто што досега не било направено.

– Овие две анализи, ни ја даваат основата за концептот на нивната реорганизација. Сега имаме јасна слика и треба да знаеме како треба да изгледа администрацијата во иднина, за да може подобро да им служи на граѓаните. Со тоа ќе се воспостават рамки за институционална организација, ќе се адресира проблемот со преклопувањето на надлежностите на институциите. Ќе се реши проблемот со институциите од еден човек и со мал број луѓе, ќе имаме јасни критериуми кои институции од кој може да бидат основани, која институција пред кого одговара, и за тоа ќе има јасна законска рамка. Целта е институциите да се групираат по области на дејствување и да се дефинира нивниот профил – истакна Манчевски.

Оцени дека со таа реформа министерствата ќе се профилираат како креатори на политики, ќе има агенции за спроведување на тие политики, и инспекциски служби, кои ќе ја контролираат имплементацијата на законите и сето тоа е за да се поедностави работата.

– Крајната цел е да се подобри работата, а граѓаните да добиваат многу подобри услуги на администрацијата. Со оваа реформа владата одговара и на препораките на Европската комисија, и на многу други меѓународни партнери. Подготвен е Акциски план со конкретна временска рамка и чекори кои треба да ги преземе Владата и релевантните институции со цел да се реализира оваа реорганизација – додаде Манчевски.

Во врска со тоа дали ќе има отпуштања од администрацијата, рече дека целта е никој да не го загуби работното место и оти се прават анализи со кои ќе се детектира сѐ она што е вишок во институциите, и повтори оти под одредени услови тој вишок ќе го понудат на приватниот сектор.

Аликан Баименов, претседател на Управниот одбор на Центарот за државни служби во Астана рече дека денес живееме во глобализиран свет и граѓаните очекуваат високопрофесионална администрација која ќе им нуди квалитетни услуги.

– Со глобализација граѓаните се многу повеќе информирани што се случува во светот, со што можат да ги споредуваат услугите на администрацијата во другите земји со домашните. Ова е нов предизвик за владите што бара повисок степен на соработка – рече Баименов.

Посочи дека владите во светот користат нови технологии за подобрување на нивните услуги кон граѓаните, и тоа овозможува нови предности како што е борба против корупцијата, елиминирање директен контакт, со што поефикасно ќе се одговори на се повисоките барања на граѓаните.

– Затоа и постои Центарот за државни служби во Астана, што вклучува 40 земји, што помага на државите во нивните напори за да ги подобрат услугите на јавната администрација – рече Баименов.

Конференцијата, што се одржува во Министерството за надворешни работи, има за цел да ја истакне улогата на партнерство за надминување на современите предизвици преку презентирање на практиките на земјите, како и соработката за унапредување на државните служби и научените лекции.