Потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски, денеска беше дел од неформалната средба со меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски. Средбата беше во организација на Институт за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП).

Очекувано, во пресрет на почетокот на новата учебна година фокусот на разговорите беше на образовниот процес, односно потребата од прилагодување согласно пандемијата од ковид-19. На средбата беше подвлечена важноста од дигиталните алатки, за непречено функционирање како на образовнието, така и на останатите сфери од секојдневното работење и живеење.

Како што истакна Манчевски, нашата држава, но и државите во целиот свет се пред голем предизвик во справување со здравствената криза. Тој се осврна и на работата во Собранието, каде мора да се предвиди нов начин на работа, протоколи и начин на одлучување.

Во придобивките од дигитализација, како што рече Манчевски, Македонија е лидери во регионот, но и еден од лидерите во Европа, како ретка држава со електронски регистар на население, а следниот предизвик, како што рече, е да се користи од сите институции и да не бараат од луѓето разни документи, физички.

Во однос на образовниот процес, Манчевски потсети дека Владата веќе ги објави плановите дека наставата ќе се одвива онлајн, со исклучок на децата од прво до трето одделение и одредени други исклучоци.

Предвидени се сите ситуации. Платформата која ќе се користи за онлајн настава е подготвена и не е проблем. Од аспект на опрема и опременост на ученици и наставниците, тоа е проблемот кој во моментов се решава, рече Манчевски.

Манчевски, објасни дека наставниците треба да одат на своите работни места, во училиштата, и на истиот начин на кој ја вршат својата работа, сега ќе ја вршат преку камера, а остатокот е начин на комуникација, размена на документи. Нашето ниво на подготвеност, потенцираше тој, е прилично слично и со останатите европски и светски земји.