Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, денеска имаше свое обраќање на конференцијата „Како понатаму? Реформите во јавната администрација по јунскиот Европски совет“.

Тој се осврна на реализираните активности во овие две години, а зборуваше и за мерките кои се наоѓаат во завршна фаза. Тој наведе дека МИОА работело на Законот за општа управна јавна постапка, дека е воспоставена точка за информирање, како и посебен дел наменет за прашања кои произлегуваат од Законот за општа управна јавна постапка. Во Собранието е усвоен и новиот Закон за инспекциски надзор, а до крајот на годинава ќе започне да се применува. Манчевски напомена дека со овој закон се воведува опомената пред казнување, а исто така е намалена и висината на казните. Сето ова значи и нов концепт на инспекциски надзор со кој ќе се постигне поголема правна сигурност за субјектите на надзорот.

Министерот Манчевски исто така изјави дека периодов МИОА е фокусирано на измените на Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавниот сектор.

– Целта на измените е поедноставување на постапката за селекција и вработување, овозможување на побрзо напредување во кариерата, како и намалувањето на притисокот на вработените – изјави Манчевски.