Главна цел е јавната администрација да стане професионална и деполитизирана, истакна денеска министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, кој заедно со претседателот на Собранието на Македонија Талат Џафери учествува на меѓународната конференција на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово.

– Целта на оваа реорганизација е да се обезбедат подобри, побрзи, поефикасни и поевтини услуги за граѓаните. Затоа е и направена новата стратегија за реформа на јавната администрација во која се адресирани голем дел од проблемите за кои зборуваат граѓаните. Таа првпат досега е со конкретен акциски план, индикатори преку кои ќе може да се следи колку е исполнета и обезбеден буџет и од домашни извори, но и со странска помош. Во Македонија ние и досега сме имале многу стратегии за реформа на администрацијата, но останале буква на хартија без конкретен акциски план, индикатори и необезбедено финасирање. Сега секоја институција знае што треба на направи – рече Манчевски.

Тој посочи дека според расположивите податоци во државава има околу 1300 институции каде има вкупно околу 140 илјади вработени, во кои се вклучени и оние од акционерските друштва во државна сосптвеност како и тие со договори на дело.

– Согласно стратегијата што е за период 2018-2022 година ние сме на почетокот, но дел од главните мерки особено во процесот на дигитализацијата граѓаните ќе ги видат веќе оваа година како електронскиот регистар на население, новиот национален портал за електронски услуги, електронскиот идентитет којшто ќе го добијат граѓаните – изјави Манчевски.

Во однос на вработувањето на администартивците кои досега не одеа на работа, а беа примени преку Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, Манчевски рече дека согласно податоците од Секретаријатот при крај е процедурата за потпишување на договори за работа со првите 958 вакви лица и многу скоро ќе се започне и со втората фаза за останатите 600 лица од вкупната бројка на 1600 вакви вработени.