Во јавниот сектор според последните бројки обезбедени од институциите има 2.543 нови вработувања, соопшти министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски во врска со обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека се вработени нови 6.000 лица.

Тој појасни дека 2.359 лица се вработени на определено време, додека 184 на неопределено и додаде дека истовремено јавниот сектор го напуштиле 12.000 лица по разни основи. Податоците од МИОА покажуваат дека 4.761 заминале поради истек на определено време, 3.130 лица поради исполнување услов за старосна пензија, 740 лица се поради отказ од работникот, 511 поради отказ од работодавачот, 385 спогодбено.

– Времето на криење информации и бројки за вработените во јавниот сектор заврши. Конечно опозицијата има пристап до сите информации како и сите останати граѓани, нешто што беше незамисливо кога СДСМ беше во опозиција. И покрај тоа, ВМРО-ДПМНЕ наоѓа начин да манипулира со јавноста и да ја извртува реалноста како нив им одговара. Партиските вработувања, притисоците врз јавната администрација, за што слушаме постојано изминатите денови како дел од судските процеси, завршија – рече на прес-конференција Манчевски и додаде дека вработените во јавната админситрација конечно работат согласно обврските предвидени на нивните работни позиции, а нови лица се вработуваат согласно потребите на институциите.

Тој потсети дека сега се намалени и трошоците за аплицирање при вработување по основ на полагање психолошки текст и тест на интегритет и сертификат за англиски кои, како што рече министерот, беа најмалку 100 евра.

– За какви критериумите зборуваме, за психолошкиот тест и тест за интегритет кои ги издаваше една фирма, потврди на кои немаше ниту име и презиме на личноста која го извршила тестирањето. На истите нема ниту печат, ниту датум, ниту одговорно лице – истакна министерот Манчевски.

Тој ги отфрли и обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ за отстапувањето од законски пропишаниот рок за доставување на годишните планови за вработување, и прифаќањето на плановите доставени надвор од рок.

– Претходната владејачка гарнитура предводена од ВМРО-ДПМНЕ, до предвидениот рок успеа да обезбеди годишни планови од само 149 институции. Само за потсетување рокот за доставување годишни планови за 2018-та е 10 мај 2017 година, кога се уште ВМРО-ДПМНЕ беше на власт. Имајќи ја предвид оваа состојба, со промената на власта, МИОА, беше принудено да ја поправи направената штета и да дозволи останатите 1.150 институции да достават планови надвор од рокот. Другата опција беше да се казнат 90 отсто од институциите и да се остават без годишен план за вработување, поради неуспехот на ВМРО-ДПМНЕ да ги обезбеди навремено годишните планови – рече Манчевски и додаде дека годишните планови се доставуваат за наредна година.