Според преданието, на местото каде што е изграден манастирот порано имало црквичка, направена од штици, со една икона. Најпрво била урната, оти се мислело дека е засолниште, но кога се видело дека е црковен објект повторно го изградиле

На околу тринаесет километри од Прилеп, кога се оди по стариот пат од градот кон Велес, во подножјето на Дервен се наоѓа манастирот „Св. великомаченик Георгиј“, оддалечен неколку километри од селото Присад. До рудникот „Сивец“, бидејќи е асфалтен пат, лесно се минуваат километрите со автомобил, за потоа да се патува по тампониран друм. Но ова не е пречка добронамерници постојано да доаѓаат во манастирот, кој е изграден на ритчето пред Дервен. Така ќе биде и утре, на празникот Ѓурѓовден, кога поголем број намерници ќе се упатат кон манастирот. Покрај патот, природата се менува, а моето љубопитно око забележува сѐ, секоја дреболија, сѐ што дарила природата. За половина час без многу брзо возење се стигнува до манастирот. Најпрво се здогледува камбанаријата, а потоа и црквата, трпезаријата, конаците…

Манастирот „Св. Георгиј“ е изграден на 850 метри надморска височина, во непосредна близина на некогашниот планинарски дом „Дервен“, од кој сега има само остатоци.
Влегуваме во манастирот и нѐ дочекуваат љубезните домаќини. Во црквата палиме свеќа за здравје и потоа оставаме да ни прошета погледот. Околу манастирот величествена глетка. Небеснина во недоглед, а околу шума, дрва… Кога нема многу посетители е тивко, се слушаат само појот на птиците и другите звуци што доаѓаат од природата. Најпрво одмор под крошните на дрвјата, за потоа да го разгледаме манастирот и нормално да ја дознаеме неговата историја.

Манастирот „Свети великомаченик Георгиј“ е од поново време и е изграден во 1945 година. Скромен е, но зрачи со неговата духовност.
– Бидејќи е од поново време, фрескоживописот и иконите немаат некое посебно значење – пренесуваат домаќините.

Според преданието, на местото каде што е изграден манастирот порано имало црквичка, направена од штици, со една икона. Најпрво била урната, оти се мислело дека е засолниште, но кога виделе дека е црковен објект повторно го изградиле.
Манастирот тековно се одржува и се доградува. Помагаат многумина. Има и стар конак, но и нов со 13 чисти соби, трпезарија што може да прими околу 250 лица. Верандата преку целиот конак е мерак за седенки. Старите конаци се реновирани. Камбанаријата е осветена во 1994 година. Тука се прават и свадби и крштевки, различни прослави. Посетители има редовно, особено за празниците.

Во манастирот има струја и вода, бидејќи на еден километар има резервоар. Порано тука главна била игуменијата Катерина. Од раскажувања се дознава дека игуменијата Катерина, или баба Коца, како што ја викале, која имала 65 години, била една ситна жена што ја бидувало за организирање. Во дворот од манастирот е нејзиниот гроб, со одобрение од митрополитот Петар.

Целодневното уживање заврши. Време е за враќање во градот. Сонцето се затскрива зад планините. Денот полека одминува и се појавува темнината, а во душата сме исполнети од убаво духовно доживување. Вреди да се појде и да се види манастирот „Св. Георгиј“ под Дервен.