фото: „Еко-свест“

Годишно во Mакедонија се прават голем број мали хидроелектрани од кои ефектот е мал, а негативните последици се големи, беше истакнато на денешнииот брифинг на неколку еколошки здруженија. Претставниците на „Еко-свест“ и „ЦЕЕ Банквоч Нетворк“ пред новинарите ги презентираа податоците од најновите истражувања за влијанието на малите хидроцентрали и нивниот негативен ефект на животната средина и еко-системот кои се градени во природни предели и заштитени подрачја. На брифингот говореа Давор Пехчевски и Ана Чоловиќ-Лешовска, претставници на „Еко-свест“ и  Филипа Галоп и Игор Вејновиќ, координатори од „ЦЕЕ Банквоч Нетворк“.

-Во изминатите две години вршевме мониторинг на шест од овие проекти во земјата и во сите случаи се уверивме дека предизвикуваат голема штета врз околината. Зафатите на малите хидроелектрани ги пресушуваат реките, го намалуваат рибниот фонд и го уништуваат екосистемот во кој се вештачки „насадени“. Најчесто станува збор за природни предели и заштитени подрачја, а таму и штетите се најголеми – изјави Давор Пехчевски од „Еко-свест“.


Ова прашање е од јавен интерес бидејќи се работи за нашата природа, беше истакнато на брифингот.

-За изградба на малите хидроцентрали се земаат кредити во кои играат удел и парите на народот. „Бенквоч“ направи истражување од 2005 година до 2018 во кое откриваат дека се подигнати 700 милиони евра од банки кои биле наменети за изградба на мали хидроцентрали. Почнувајќи од јануари 2015 година, трошокот за субвенционирање на повластените производители е целосно пренесен на крајните потрошували и е вклучен во месечната сметка за електрична енергија, каде што граѓаните месечно плаќаат одреден надоместок од околу 6 проценти кој е наменет за обновливи извори – истакна Игор Вејновиќ од „Бенквоч“.

Од друга страна, укажуваат еколозите, со изградба на овие мали хидроцентрали се манифестира лоша градежна пракса и непочитување на мерките и еколошките дозволи што резултира со уништени речни корита, нарушени екосистеми, намален водостој и рибен фонд, уништување на почвата и водата со хидраулични масла и цемент. Токму поради тоа јавните пари теба да се вложат во нешто поодржливо и што ќе има помала штета и кон намалување и прилагодување на ефектите од климатските промени.

-Заради сето ова, „Еко-свест“ упати писмо до Владата на Република Македонија во кое бара јавна расправа за предложените подзаконски акти и бара од надлежните воспоставување на Зелени зони за сини реки каде што нема да се изведуваат инфраструктурни проекти на реките – изјави Давор Пехчевски од „Еко-свест“.

В.Т.; П.С.