Фото:

Заболувањето продолжува да се шири, бидејќи процентот на вакцинација е помал од тоа што треба да биде, информираат од Европскиот центар за превенција и контрола на болести

Расте бројот на заболени од мали сипаници во Европа. Триесет држави пријавиле повеќе од 13 илјади случаи до септември годинава, што е четири пати поголем број од истиот период пред две години.

Според неодамнешниот извештај од Европскиот центар за превенција и контрола на болести, најмногу заболени има во Грција, Франција, Италија, Романија и во Велика Британија, каде што се евидентирани 85 проценти од сите случаи. Од мали сипаници починале 33 лица оваа година.

– Малите сипаници продолжуваат да се шират во Европа, бидејќи процентот на вакцинација во земјите е помал од тоа што треба да биде – велат од Европскиот центар за превенција и контрола на болести.
Слична е состојбата и во Македонија. Во 2016 година не бил регистриран ниту еден случај на мали сипаници на територијата на државата.

– Во 2017 година, во Република Македонија се регистрирани вкупно 19 случаи на мали сипаници, десет од нив поврзани со епидемија на територијата на Центарот за јавно здравје – Скопје. Епидемијата почна во септември, а одјавена беше на 16.11.2017 година. Другите беа поединечни случаи, шест пријавени од Скопје и по еден од Струга, Прилеп и од Тетово – информираат од Центарот за јавно здравје.
Оттаму додаваат дека, според возрасната група, десет деца се на возраст до четири години, по еден случај припаѓа на возрасните групи од пет до девет, 15-19 и 20-29 години, два се од десет до 14 години и четири случаи се возрасни, над 30 години.
– Од вкупно регистрираниот број на случаи, 14 не се вакцинирани, четири лица на возраст над 29 години биле вакцинирани со една доза, а едно лице со две дози. Индексниот случај во епидемијата беше невакцинирано дете, кое имало контакт со сомнителен случај во Косово – информираат оттаму.

Оваа година, пак, во Македонија се пријавени 51 случај, класифицирани како мали сипаници. Од нив, 41 се лабораториски потврдени, девет случаи се веројатни, односно имаат епидемиолошка поврзаност, а само еден случај е можен случај, со клиничка слика на мали сипаници и не е лабораториски испитан.

– Во текот на 2018 година, најголем број регистрирани случаи на мали сипаници се од територијата на Дебар, 20 лица се жители на територијата на Центар за јавно здравје – Скопје, по два од случаите се од Охрид и Куманово, а по еден случај е од Тетово и Струга. Според распределбата по пол, 28 лица се машки, 23 женски. Според распределбата по возрасни групи, најголем број од случаите, или 47,1 проценти, припаѓаат на возрасната група над 30 години, 34 проценти од заболените се деца на возраст до четири години – велат од ЦЈЗ.

Оттаму истакнуваат дека 75,5 проценти од случаите се невакцинирани, нецелосно вакцинирани или со непознат вакцинален статус.
– Од невакцинираните лица, пет се на возраст под 12 месеци и не подлежат на вакцинација во согласност со календарот за имунизација. Со две дози се вакцинирани 12 лица – објаснуваат од центарот.

Оттаму додаваат дека при појава на поединечен случај или епидемија на заболени од мали сипаници, епидемиолошките служби се постојано на терен и ги преземаат сите потребни мерки на својата територија, во согласност со програмата за елиминација на мали сипаници и рубеола на Република Македонија.

– Рутински, од страна на епидемиолошките служби се врши засилена контрола во вакциналните пунктови, проверка на вакциналниот статус на подлежните лица на МРП (за прва и втора доза), наоѓање невакцинирани и некомплетно вакцинирани лица на територијата на целата држава и нивно вакцинирање. Вакциналните тимови во сите вакцинални пунктови од своја страна континуирано спроведуваат мерки и активности за наоѓање деца до 14-годишна возраст подложни за вакцинација со МРП, а невакцинираните или некомплетно вакцинираните деца се вакцинираат во согласност со програмата за имунизација – информираат од Центарот за јавно здравје.