Претседателот на Република Франција, Емануел Макрон по повод 8. Септември, Денот на независноста, упати честитка до претседателот Стево Пендаровски.

Во честитката тој ја поздрави одлуката од 25 март на Советот на Европската Унија за отворање на преговорите за членство во Унијата и изрази поддршка за европската перспектива на земјава.

– Оваа 2020 година беше важна етапа во евро-атлантското приближување на Северна Македонија, која стана 30-та членка на Атлантската Алијанса, на 27 март 2020 година. Ја поздравувам одлуката од 25 март на Советот на Европската Унија за отворање на преговорите за членство на вашата земја. Бидете убеден дека ја имате целата моја поддршка за европската перспектива на Северна Македонија – пишува Макрон.

Тој порача дека по одлуката на Советот од 25 март, посакува што побрзо да се утврди преговарачката рамка и најави дека Франција ќе следи дали истата сооодветно ја одразува новата методологија за проширување.

– Франција ќе продолжи да ги поддржува неопходните реформи за постигнување напредок на Северна Македонија кон Европската Унија, особено на поле на владеењето на правото кое е во сржта на европските вредности – порача Макрон.

Францускиот претседател посакува билатералните односи помеѓу двете земји да продолжат да се зајакнуваат.

– Француската стратегија за Балканот предвидува засилена поддршка на Франција за економски и социјален развој на регионот, благодарение на претстојните активности на Француската агенција за развој во Северна Македонија на поле на трајниот развој – додава Макрон во честитката.